Претседателот Бајден, за време на говорот во Калифорнија за претстојните среднорочни конгресни избори, рече дека САД ќе го „ослободат Иран“ пренесува Блумберг, откако публиката побара од него да се осврне на актуелните протести што се проширија низ целата земја по смртта на Махса Амини.
Говорот на Бајден се фокусираше на обезбедувањето медицинска нега на американските ветерани кои служеа во Ирак и Авганистан. За време на тоа, тој застана и рече: „Не грижете се, ние ќе го ослободиме Иран“, но потоа брзо се коригира и додаде „тие ќе се ослободат самите многу брзо“.
Бајден зборуваше додека неговите поддржувачи во толпата држат мобилни телефони на кои со големи букви беше испишана пораката „Слободен Иран“.
Администрацијата на Бајден се соочува со зголемени критики од иранско-американски активисти кои ја повикуваат Белата куќа да се откаже од напорите за обновување на иранскиот нуклеарен договор поради протестите во оваа земја кои властите насилно ги задушуваат, оценува американската агенција.
Протестите во Иран започнаа во септември, по смртта во притвор на 22-годишната Махса Амини, откако беше уапсена од иранската полиција за морал, поради наводно несоодветно носење хиџаб, односно не покривање на главата на пропишан начин.
