Човекот и рекол на полицијата дека сакал да го украде авионот за да може да одлета до Областа 51 и да ги види вонземјаните. Тој бил уапсен во средата откако возел низ оградата на меѓународниот аеродром Мекаран, паркирал на рампата на авионот и се заканувал со бомба, пишува Си-Ен-Ен.
Тој е уапсен поради попречување на приватен имот и терористички чин, се наведува во полицискиот извештај.
Областа 51 е воена база лоцирана во јужниот дел на западна Невада во САД. Се користи како полигон за обука на воздухопловните сили на САД. Самото име всушност доаѓа од ознаката на мапата.
Таа воена база долго време беше во фокусот на различни теоретичари на заговор кои веруваат дека американската влада таму крие тела на вонземјани и НЛО.
Според полицијата, откако ја пробил оградата, мажот влетал меѓу неколку авиони, па се паркирал во близина на еден од авионите и им се заканил на вработените.
„Имам е**на бомба. Ќе го кренам ова место во воздух “, им се заканил.
Сведоците велат дека на лицето носел маска на кловн. По заканата тој се вратил во возилото, додека вработените избегале на безбедно и почнале да го евакуираат аеродромот.
Кога пристигнала полицијата, успеала да го запре возилото и веднаш го привела осомничениот. При претрес на неговиот автомобил, полицајците пронашле направа која наликувала на резервоар за кислород и нешто што личело на апарат за гаснење пожар, околу кое биле обвиткани многу жици.
