Американскиот претседател Доналд Трамп сигнализираше дека е отворен за соработка со демократите откако неговите републиканци претрпеа порази на изборите на средина на мандатот претходно овој месец.
– Имам чувство дека ќе воспоставиме близок двопартиски однос со демократите, каде што ќе можеме да решиме многу различни прашања за здравствената заштита и за многу други работи и да ги реализираме – рече тој за време на телефонскиот разговор со припадници на американската војска.
Трамп им се јави на војниците од својата резиденција Мар-а-Лаго на Флорида на Денот на благодарноста, пренесе ДПА.
Трамп повтори и дека како претседател има силни овластувања за вето, како што истакна и неколкупати неодамна. Опишувајќи го ветото како моќна алатка, тој рече: „Не планирам да ставам вето на сè две години“, мислејќи на преостанатите две години од неговиот втор мандат. Според Уставот на САД, нему му е забрането да се кандидира за трет мандат.
Изјавите на Трамп доаѓаат околу две недели откако новоизбраниот сенатор од Мичиген, Абдул Ел-Сајед, го повика да воведе универзална здравствена заштита. Тој во објава на X прикажа илустрации на картичка што наликува на картичка за здравствено осигурување, на која со златни букви е испишано „Трампкер“ (TrumpCare).
Весникот „Њујорк пост“ неодамна го цитираше Трамп дека ќе се сретне со Ел-Сајед. „Тој е паметно момче“, изјавил републиканецот за левичарскиот политичар.
