Потрошувачките цени во САД се зголемија за 5,0 отсто во октомври, во споредба со истиот месец во 2020 година, што е највисока стапка на годишно ниво од ноември 1990 година, според тековните податоци на Министерството за трговија.
Базичната инфлација, која ги исклучува нестабилните цени на храната и енергијата и е внимателно следена од креаторите на монетарната политика на Федералните резерви, исто така го забрза растот, достигнувајќи 4,1 отсто на годишно ниво во октомври, што е исто така нејзино највисоко ниво од јануари 1991 година, пренесува CNBC.
Паралелно со растот на цените – забележан е пораст на потрошувачката на домаќинствата во набљудуваниот месец, од 1,3 отсто, што е резултат на растот на личниот доход од 0,5 отсто, додаваат американските медиуми.
Трошоците за потрошувачка, кои сочинуваат 70 отсто од економската активност на САД, се во фокусот на економистите кои веруваат дека нејзината сила ќе го поттикне вкупниот економски раст во последните три месеци од оваа година. Што се однесува до октомвриската инфлација, нејзиниот раст најмногу се одразува на скокот на цените на енергенсите, кои се за 30,2 отсто повисоки од пред една година.
Цените на храната, се додава, се зголемени за 4,8 отсто на годишно ниво. Во секторот услуги, бројките се зајакнати за 6,3 отсто, исто како и во септември, додека цените на останатите стоки се зголемени за 7,3 отсто наспроти 6,4 отсто во претходниот месец. Личните заштеди на Американците во октомври изнесуваат 1,32 билиони долари и се пониски од септември кога изнесувале 1,48 билиони долари.
