Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ не успеа да обезбеди 61 пратеник кој би ја поддржал интерпелацијата на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.
Иако ветуваше дека разговарал со пратеници од владеачкото мнозинство, гласањето покажа дека опозицијата успеа да собере само 53 гласа, додека власта обезбеди 55 со кои Димитров останува на функцијата.
Во завршното обраќање, Димитров интерпелацијата против него ја оквалификува како политички театар.
„Сите ваши излагања само ми потврдија дека интерпелацијата нема врска со мојата реална работа, туку е гол политички театар. Ви одговорив за учеството на седница на Комисијата за надворешни работи; не бев уредно поканет, не морав да присуствувам, а сепак не одбив учество, и покрај несериозниот однос на претседателот на омисијата. Ви објаснив за разликите во мојот пристап кон јавноста во моите меѓународни активности, кој е чесен и успешен, за разлика од вашиот нечесен и неуспешен“ рече Димитров нагласувајќи дека се чувствувал како пожарникар кој е ставен во позиција да му се правда на пироманот.
Димитров апелираше до опозицијата да не го саботира во работата, затоа што, како што рече, тоа е на штета на државата.
Наместо чекор напред, интерпелацијата е чекор назад за Мицкоски

Сите најави и прогнози на Мицкоски досега се покажаа како промашени, а оваа за првиот чекор кон рушењето на власта не додржа ниту два месеци. Доколку Мицкоски вака ја руши власта, тогаш власта може да си биде безбедна барем за наредните илјада чекори, коментираат разочарани членови на партијата. Тие се сомневаат дека целата стратегија на Мицкоски се базира на залажување на членството до новиот пораз, само за да се сочува функцијата. Коментарите од ВМРО-ДПМНЕ се дека никој не очекувал интерпелацијата да биде изгласана, иако Мицкоски и неговите најблиски соработници ширеле таква еуфорија.
Токму Мицкоски, проценуваше дека СДСМ го пуштале „низ вода“ Димитров и се откажувале од него па затоа го советуваше сам да си дал оставка.

Се покажа дека и оваа прогноза на Мицкоски е промашена, исто како што беа лажни и промашени најавите за преземање на пратеници од владеачката коалиција.

Медиа веќе пишуваше за поразите на Мицкоски кои стануваат се почести.
