Во идните пристапни преговори треба да постојат заштитни мерки кои новите членки нема да ги забележат доколку ги почитуваат правилата на ЕУ, но доколку тоа не е случај, тогаш силно ќе ги почуствуваат, изјави денеска еврокомесарката за проширување Марта Кос.
„Мора да постојат заштитни мерки кои нашите нови членки нема ниту да ги забележат доколку ги почитуваат своите обврски, но исто така тие мерки мора да имаат „силен гриз“ кога не се почитуваат правилата“, рече Кос на форумот за проширување на кој учествуваат високи претставници на европските институции и земјите кандидати.
Последните недели во Брисел кружат идеи како да се обезбеди меѓу новите членки да не се појави некој проблематичен како Унгарија, која изминативе години направи големо отстапување од ЕУ и се противи на повеќето заеднички иницијативи.
Една од идеите кои се споменуваат е на новите членки во првите години да им се одземе правото на вето. Сепак во ЕК тоа го демантираат и велат дека не е тема на дискусија бидејќи новите членки би ги довело во нерамноправна позиција.
Проширувањето кое долго време беше на спореден колосек, доби нов залет после руската агресија на Украина. На проширувањето, односно обединувањето на европскиот континент, се гледа како на инвестиција во безбедноста и заштита од негативните странски влијанија.
Притоа во ЕК истакнуваат дека новата геополитичка ситуација не смее да биде пречка за земјите кандидати, туку пристапот кон ЕУ да се темели исклучиво на заслугите. Тоа значи дека аспирантите мора во целост да ја усвојат и спроведуваат европската политика и да ги почитуваат начелата на кои почива ЕУ.
Освен подготовките на земјите кандидати и ЕУ мора да се подготви за прием на нови земји членки.
Комесарката Кос кажа дека ЕК работи на анализа на политиката на проширување за да се утврди влијанието на приемот на нови членки на клучните политики на ЕУ, на пресметките и на управувачките структури.
„Мора да дадеме издржани одговори на загриженоста на нашите граѓани. Што значи проширувањето за нашиот модел на социјална заштита, како може да се засили контролата на нашите граници, како ќе го обезбедиме почитувањето на владеење на правото по пристапувањето и како ќе гарантираме непречено и целисходно функционирање на ЕУ“, изјави Кос.
Претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен која се обратила со видео порака, на учесниците им рекла дека „проширувањето е влог во колективната безбедност и слобода, бидејќи историјата не научи дека сме посилни кога Европа е обединета“.
