Германија е се понеатрактивна за инвеститорите пред се поради прекумерната бирократија.
Ова го покажале резултатите од истражувањето во кое учествувале средни компании, пренесува dpa.
Владата мора да ја ослободи економијата од бирократски обврски и тоа треба да и биде врвен приоритет, рекле дури 92,6 отсто од компаниите. Само така може да се подобри бизнис климата, оценуваат од здружението на средни претпријатија.
Друга задача на Владата, според одговорите на 59,3 отсто од испитаниците, е да инвестира повеќе во образованието, инфраструктурата и дигитализацијата. Намалувањето на даноците е на трето место, рекоа 38,9 отсто.
Учесниците во анкетата можеле да изберат најмногу три од понудените одговори.
Економската политика на Владата доби лоши оценки во истражувањето. Ниту една од анкетираните компании не ја заокружи понудената оценка дека коалицијата на социјалдемократите (СПД), Зелените и либералите работи „сосема коректно“.
Дека Владата работи „задоволително“ рекле 7,4 отсто, додека 29,6 отсто оцениле дека има просечен учинок.
Има многу повеќе кои рекоа дека владата работи лошо или целосно погрешно, 42,6 односно 18,5 отсто. 1,9 отсто од испитаниците не дале одговор.
Асоцијацијата на средни претпријатија ги застапува интересите на околу 230.000 компании организирани во 310 групи. Од 19 декември до 12 јануари во истражувањето учествувале 54 групи со 41.000 членови од 17 стопански гранки.
