-0.2 C
Skopje
понеделник, ноември 30, 2026

Обраќање на претседателот Пендаровски на Свечената седница на Комитетот за односи меѓу заедниците

Денес, не само како земја  – потписник на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, туку и со нашиот Устав како највисок правен акт, ние сме обврзани целосно да ги почитуваме правата на етничките заедници меѓу кои се најважни – правото слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот етнички, културен, јазичен и верски идентитет и национални особености, правото да основаат културни и уметнички институции и правото на настава на својот јазик во сите степени на образованието.

Водејќи се од овие принципи и определби, во изминативе 20-тина години, и покрај многуте политички  и економски предизвици со кои се соочувавме и сè  уште се соочуваме, секогаш сме посветувале должно внимание и ресурси за заштита на човековите права и слободи, но истовремено и на правата на припадниците на заедниците и во овој домен, не е нескромно ако кажам, имаме направено огромен исчекор.

Последниот извештај на Советот на Европа, дава детален и реален приказ на состојбата во Република Северна Македонија. Во него јасно се нотира дека е постигнат значителен напредок во правната заштита на правата на лицата кои припаѓаат на националните малцинства, особено на полето на антидискриминацијата. Исто така, констатиран е голем напредок и во употреба на албанскиот јазик во државата, додека пак, на политичко ниво, стратегијата „Едно општество за сите“ во голема мерка придонесе за инклузивниот профил и пристап на културните политики и јакнење на меѓукултурниот дијалог.

При тоа е јасно дека сепак останува извесен јаз меѓу законите и практичната примена на законодавството и политиките за националните малцинства. 

Така на пример, имаме солидна правна рамка за борба против говорот на омраза, но нејзината примена е незадоволителна. Затоа и говорот на омраза, особено во интернет просторот, и во овој извештај, е посочен како посебен предизвик.

Понатаму, со новиот Закон за спречување и заштита од дискриминацијата во голема мера е подобрена правната заштита, но од друга страна, на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и на Народниот правобранител им недостасуваат ресурси за да можат самостојно и ефективно да ги исполнуваат своите задачи во целост одговарајќи на барањата на граѓаните.

Во однос на ромската етничка заедница, недостигот на документација продолжува да биде главна пречка за остварување на нивните права, а многу работа ја чека државата и во областа на нивното образование, пристапот до здравствени услуги и вработувањето.

Сепак, и покрај сите нотирани проблеми во оваа област, чесно е да кажеме дека Северна Македонија како држава е високо признаена и препознаена не само во нашиот регион, туку и во Европа, во однос на заштитата на националните малцинства.

Се разбира, за ова ниво на реално остварени резултати да го задржиме и подобриме во иднина, мораме да продолжиме со ефикасно спроведување на стандардите на Советот на Европа и исполнување на сите негови препораки за итно дејствување, затоа што доаѓаат од една навистина независна и непристрасна институција со висока репутација.

Дозволете на крајот да изразам благодарност до Советот на Европа, за одржувањето на конструктивен дијалог со македонските власти сиве овие години  и за нивната поддршка и посветеност во заедничките напори со цел натамошно унапредување на состојбата во областа на заштитата на човековите права.

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести