Саудиска Арабија сподели разузнавачки информации со американски официјални лица кои сугерираат дека Иран можеби се подготвува за непосреден напад врз Саудиска Арабија, изјавија за АП во вторник тројца американски претставници.
Зголемената загриженост за потенцијален напад врз Саудиска Арабија доаѓа во време кога администрацијата на Бајден силно го критикува Техеран за задушување на антивладините протести и испраќање дронови во Русија за употреба во Украина.
„Загрижени сме поради заканите и остануваме во постојан контакт преку воени и разузнавачки канали со Саудијците“, се вели во соопштението на Советот за национална безбедност на САД. „Нема да се двоумиме да дејствуваме во одбрана на нашите интереси и партнери во регионот“, се наведува во него.
