Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави денеска во Астана дека праведен мир во Украина може да се воспостави само со дипломатски напори.
На Конференцијата за интеракција и мерки за градење доверба во Азија (CICA), Ердоган нагласи дека целта на Турција во руско-украинскиот конфликт е „да ги зачува постигнатите стимулации, и покрај локалните тешкотии, и да го запре крвопролевањето што е можно поскоро“.
„Отсекогаш сум велел дека праведен мир може да се постигне преку дипломатија, а нашите интензивни напори за елиминирање на последиците од конфликтот се здобија со светско признание. Размената на затвореници минатиот месец е посебно достигнување во оваа насока“, рече турскиот претседател. .
Конференцијата за интеракција и мерки за градење доверба во Азија (CICA), чии 27 земји-членки сочинуваат околу 90 отсто од територијата на Азија и речиси половина од светското население, денеска се одржува во Астана, јавува руската агенција.
На настанот, покрај претседателите на Казахстан и Турција, ќе учествуваат и лидерите на Русија, Азербејџан, Ирак, Иран, Катар, Киргистан, Палестина, Таџикистан и Узбекистан, а предвидено е учество на вкупно околу 50 делегации.
Турскиот претседател Ердоган потврди дека ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин на маргините на конференцијата CICA во Астана и најави дека планира со него да разговара за можностите за дипломатско решение на конфликтот во Украина и за посредување на Анкара во овој процес.
Да потсетиме, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, претходно изјави дека на оваа средба Турција би можела да предложи организирање дијалог меѓу Москва и западните земји, јави Тасс.
