2.8 C
Skopje
среда, ноември 25, 2026

Илон Маск е се подалеку од преземањето на Твитер

Илон Маск е се подалеку од преземањето на Твитер, изјавија три лица запознаени со ова прашање за Вашингтон пост.

Тимот на Маск заклучил, имено, дека бројките на Твитер за спам профили не може да се проверат, пренесува Investor.

Од SEEbiz пренесуваат дека поради ова наводно престанале да разговараат за финансирање на договорот вреден 44 милијарди долари. Луѓето кои зборуваа за овие наводи тоа го направија во тајност поради чувствителноста на целата ситуација.

Разговорите со инвеститорите се „заладија“ во последниве недели, бидејќи тимот на Маск изрази сомнеж за неодамнешните податоци што им ги достави Твитер, пишува Вашингтон пост.

Тимот на Маск се сомнева во веродостојноста на бројките кога станува збор за лажните сметки на Твитер. После тоа се очекува да бидат преземени подрастични мерки, посочува упатениот извор. Доколку Маск се откаже од претходно постигнатиот договор, тоа може да предизвика сериозна правна битка.

Условите на договорот велат дека Маск мора да плати 1 милијарда долари за да го раскине договорот, но правните експерти велат дека Твитер би можел да се обиде да го принуди Маск да купи доколку неговата причина за отказ не се заснова на основната дејност на компанијата. Кога ја даде понудата во април, Маск се откажа од правото да ги погледне одблизу финансиите на Твитер.

Портпаролот на Твитер, Трентон Кенеди, одбил да го коментира развојот на настаните. Маск не одговорил веднаш на барањето за коментар.

Маск го потресе светот на социјалните медиуми на почетокот на оваа година со неговата понуда да ја привати компанијата, тврдејќи дека ќе може да го развие Твитер и да го направи поотворен и, според него, политички неутрален.

Тој исто така рече дека на оваа социјална мрежа ќе го врати поранешниот претседател Доналд Трамп и изјави дека досегашната практика на Твитер е спротивна на слободата на говорот.

Ентузијазмот на Маск за договор е доведен во прашање барем од мај, кога тој рече дека договорот е „на чекање“ додека не утврди дали тврдењето на Твитер дека помалку од 5 проценти од сметките се ботови или спам е точно.

Тој го обвини Твитер дека прикрива информации, додека компанијата објави дека постапила со добра волја и обезбедила се што од неа барале условите од договорот.

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести