Ова денеска го изјави висок американски претставник. Зборувајќи под услов да остане анонимен, високиот функционер рече дека станува збор за противбродски ракети Нептун.
Соединетите Држави веруваат дека имало руски жртви, иако бројките се непознати, додаде официјалниот претставник. Руските новински агенции вчера ги пренесоа зборовите на нивното Министерство за одбрана дека ракетниот крстосувач Москва потонал во бурните води по пожарот и експлозиите предизвикани од муниција, која била складирана на бродот.
Украина соопшти дека извршила напад врз „Москва“ од брегот со противбродски ракети Нептун и дека тоа предизвикало пожар и потонување на бродот. Руското Министерство за одбрана синоќа соопшти дека „Москва“ потонал додека се обидувале да ја извлечат во пристаништето, поради невремето.
Русите тврдат дека командниот брод на руската Црноморска флота претходно бил сериозно оштетен во пожарот, кој бил предизвикан од експлозија на муниција.
Исто така, руските власти велат дека се евакуирани сите 510 членови на екипажот на „Москва“, што би укажало дека бродот е напуштен во релативно контролирани услови, односно дека не бил оштетен од проектили, бидејќи во тој случај сигурно ќе имало загуби меѓу екипажот.
Доколку се потврди информацијата дека „Москва“ е изгубена по борбите на украинските сили, ќе биде евидентирана како загуба на најголемата поморска единица во последните 80 години.
