На вежбата за првпат е прикажано дејството на противтенковските ракети Корнет, а Вучиќ изјави дека армијата на земјата со која тој раководи е сега многу посилна. Истовремено, тој најави набавка на борбени беспилотни летала Бајрактар од Турција, пренесува Танјуг.
„Во разговор пред два дена го прашав турскиот претседател Ердоган за Бајрактар и добив ветување дека ќе можеме да ги купиме и да ги вклучиме во оружјето на српската армија“, рече Вучиќ.
Вучиќ рече дека армијата сепак ќе мора да ги зајакне хеликоптерски единици и беспилотните летала.
Според него, српската армија располага со беспилотни летала Врабац, како и CH92 со помала разорна моќ, но ќе мора да се набават дронови CH95 со поголема разорна моќ.
Тој најави и дека во вторник или среда ќе биде претставено новото оружје, кое ќе биде најмоќното оружје што Србија ќе го има досега.
„Во вторник или среда, добредојдени сте да ја видите гордоста на српската армија“, рече Вучиќ, одбивајќи да каже за кое оружје станува збор.
На прашањето како го коментира тоа што француските медиуми објавија дека Србија е заинтересирана да купи 12 нови борбени авиони Рафале, Вучиќ рече дека со нив преговарал една година.
„Веќе една година преговараме за купување на 12 нови Рафали, а со друга земја преговараме за купување на 12 користени Рафали“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека „се разговара и за трета варијанта, таканаречената комбинирана авијација ловци-бомбардери“ и дека „конкуренцијата е голема“.
