Во февруари 1989 година, во болницата Најџел во Јоханесбург, две жени родиле две момчиња, секоја по едно. Робин и Гевин биле заменети веднаш при раѓањето, заради груба грешка на акушерката. Така Робин завршил во рацете на Сенди Докинс, самохрана мајка која едвај врзувала крај со крај. Биолошкиот син на Сенди, Гевин, завршил во рацете на Мегс Клинтон Паркер во Питермарицбург.
Дека момчињата по грешка биле заменети се открило две години подоцна – Мегс затоа што нејзиниот сопруг се посомневал дека е татко на момчето отишла на ДНК тест и така дознала дека момчето воопшто не е нивен биолошки син.
Истрагата на болничката документација потврдила дека биолошкото дете на Мегс е Робин, момче кое пораснало со Сенди.
Кога Мегс и Сенди добиле можност да ги заменат децата, и двете решиле да ги задржат бебињата кои ги одгледале од раѓање, иако не се нивни биолошки деца, а прилог за овој случај деновиве бил пуштен во емисијата 60 минути Австралија.
„Не можете едноставно да се откажете од дете кое сте го воспитувале две години, без разлика дали тоа е биолошки ваше или не. Веднаш ја одбив таа можност затоа што едноставно само сакате да го заштитите она што го имате. Неколку дена откако дознав бев во шок, а потоа се појави љубопитност. Сакав да знам како живее моето биолошко бебе“, вели една од мајките.
Едно од момчињата, Робин, вели дека е очаен поради судбината што го снашла и дека „ја презира мајка си затоа што таа не се борела за него, туку му дозволила да порасне во беда“.
„Што и да посакав во животот, морав да работам напорно за тоа. Никогаш не добив ништо тукутака, за разлика од момчето кое живее со мајка ми“, рекол Робин.
Гевин, пак, од друга страна бил повеќе и од задоволен од исходот на ситуацијата.
„Водам прекрасен живот. Факт е дека таков живот добив случајно, но воопшто не ми е жал за Робин”.
На крајот, приказната добила неочекуван крај – Робин секој ден се слушал со мајка си и страдал поради неа, па Мегс му предложила да се пресели кај неа и Гевин, што и го направил во 2004 година, а Сенди останала сама.
„Би сакала само да ја прашам дали е среќна поради тоа што ни го направи. Ми го уништи животот“, изјавила Сенди за медиумите.
