Пет држави во централниот дел на САД доцна синоќа беа погодени од разорни торнада и страшно невреме кое предизвика огромни човечки и материјални штети.
Според гувернерот на Кентаки, само во југозападниот дел на државата има најмалку 50 починати лица како последица на невремето.
Во градот Мејфилд е распоредена националната гарда и прогласена е елементарна непогода, а се прават напори на населението да му се обезбеди вода за пиење.
Во пет американски држави, Арканзас, Илиноис, Кентаки, Мисури и Тенеси, синоќа се пријавени 24 торнада, а според метеоролозите, невремето се движи кон исток доведувајќи во опасност преку 55 милиони американци.
Според извештаите торнадата достигнувале брзина и до 75 километри на час.
Еден од поголемите инциденти се случил во Едвардсвил-Илиноис, каде што десетици работници биле заробени во складиштето на Амазон. Инцидент е пријавен и во Арканзас каде што уништувањето на една амбуланта одзело два човечки животи, а пет лица се повредени.
Страшното невреме, експертите го толкуваат како последица на климатските промени.