Меѓу демонстрантите кои ги запалија и пробија улиците на Хаг и другите холандски градови, имаше главно млади луѓе. Тие се револтирани од новото заклучување. Во Австрија и Австралија масовните протести беа мирни.
Стотици луѓе во Хаг запалиле велосипеди во саботата вечерта и фрлале камења и оган кон полицијата, јавуваат очевидци.
Полицијата користела водени топови за да ги растера демонстрантите од една раскрсница. Повредени се пет полицајци, а седум лица се приведени.
Сопственикот на мала пицерија во Хаг за агенцијата АФП изјавил дека ниту полицијата не била мирна, дека наводно извлекувала луѓе од неговиот локал и „без причина ги удирала во глава“.
Насилни протести се одржаа во помалите градови како Урк, Роермонд и провинцијата Лимбург. Спротивно на тоа, масовниот митинг во Амстердам, одржан претходно во саботата со илјадници демонстранти, помина мирно.
“Луѓето сакаат да живеат, затоа се собравме“, изјави организаторот на протестот во Бреда каде се собраа околу илјада луѓе.

Заклучувањето е на сила
Поради големиот број заразени, на Холанѓаните веќе седум дена им е дозволено да се сретнат до четири лица во своите станови и куќи, тие главно работат од дома, а продавниците се затвораат порано. Се смета дека пристап до некои објекти треба да имаат само вакцинирани лица и оние кои прележале корона.
Ова беше втора ноќ по ред кога некои холандски улици изгледаа како воена зона. Во петокот вечерта во Ротердам, полицајци испукаа предупредувачки истрели, а потоа пукаа во луѓето. Најмалку четири лица се повредени од огнено оружје.
Поради тој настан, на социјалните мрежи се прошири повикот во сабота да се излезе на улиците низ Холандија.
„Екстремно насилство“ врз полицијата, жандармеријата и пожарникарите – така го нарече министерот за правда Ферд Граперхаус, кој најави силен одговор против бунтовниците.

Протести во Австрија и Австралија
Околу 35.000 луѓе се собраа мирно во главниот град на Австрија. И имаше апсења на работ на протести, наводно поединци кои фрлаа шишиња кон полицијата. Демонстрантите во Виена го критикуваа заклучувањето, кое стапува на сила во понеделник, и најавената задолжителна вакцинација за сите од февруари следната година.
Десничарската Партија на слободата на Австрија повика на протести.
Поради скокот на бројот на заразени, властите воведоа тотален карантин, кој ќе трае три недели за вакцинираните, а подолго за невакцинираните – не се знае до кога. Австрија, со околу девет милиони жители, евидентира над 15.000 заразени лица дневно, а околу две третини од луѓето се вакцинирани.
