„Секоја понатамошна провокација или агресивна акција од страна на Русија би била многу загрижувачка. Ја повикуваме Русија да биде транспарентна за своите воени активности“, рече Столтенберг на прес-конференција во Брисел со украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба.
Соединетите држави, Европската унија и Франција веќе изразиле загриженост во последните денови за движењето на руските војници на украинската граница. Германија денеска ја повика Москва на „воздржаност“.
„Мораме да спречиме воена ескалација“, изјавил во Берлин портпаролот на германското Министерство за надворешни работи, повикувајќи ја Русија „да покаже воздржаност и да се врати на преговарачка маса“.
Ситуацијата во регионот е многу напната откако Русија го анектира украинскиот полуостров Крим во 2014 година. Седум години Украина е во конфликт со проруските сепаратисти на истокот од нејзината територија.
„Она што сега го гледаме долж границата не е само воено засилување, бидејќи Русија пролетта донесе армада на нашата граница и оттогаш не ја повлече“, рече Дмитро Кулеба.
„Сега гледаме влошување на ситуацијата, во која Русија покажува дека може брзо да активира војници и опрема и дека сите опции се на маса на руските лидери“, додаде Кулеба во седиштето на НАТО во Брисел.
„Атлантската алијанса внимателно ја следи ситуацијата“, рече Столтенберг, повторувајќи дека сојузниците сметаат дека анексијата на Крим е „нелегална.“ Сите земји-членки на НАТО „едногласно го осудуваат однесувањето на Русија“, рече тој.
