„Со тешко срце одлучивме да го преземеме овој чекор“, рече австрискиот канцелар Александар Шаленберг по состанокот на владата во недела.
Според одлуката, која има за цел да го намали брзото зголемување на бројот на заразени лица со ограничување на социјалните контакти, но и да убеди што поголем број жители да се вакцинираат, лицата кои не се вакцинирани или немаат прележано коронавирус можат да го напуштат станот само во исклучителни случаи како за купување основни намирници, одење на лекар, во аптека или одење на работа.
Оваа мерка засега е ограничена на десет дена, а според владините податоци, околу два милиони австриски граѓани се погодени со оваа мерка.
Шаленберг објасни дека седумдневната инциденца меѓу невакцинираните изнесува над 1.700.
„Сега треба да се потрудиме да ја зголемиме срамно ниската стапка на вакцинација. Со стапката на вакцинација што ја имаме сега, никогаш нема да излеземе од магичниот круг“, вели Шаленберг.
Тој најави дека мерката за затворање ќе биде систематски контролирана. Во Австрија 65 отсто од граѓаните во моментов се целосно вакцинирани.
За невакцинираните веќе важат строги правила кои го ограничуваат пристапот до угостителските, спортските и културните објекти, пишува „Index.hr“.
