Вакцината сериозно го намалува ризикот од тешка форма на болеста и според студиите 20 пати го намалува ризикот од смртен исход. И тоа треба да е мотивација за граѓаните. Огромен процент од новодијагностицирани пациенти, 80 и неколку проценти и од тие коишто се во болница се невакцинирани, што значи дека тоа е проблемот не само кај нас, туку насекаде. Разговараме и со колегите во регионот, секаде болниците се оптоварени со невакцинирани пациенти, нагласи миинистерот за здравство Венко Филипче денеска во Бутел, каде изврши увид на градежните работи на новата амбуланта.
Тој истакна дека не можат да претпостават како ќе се одвива ситуацијата со пандемијата во светот.
– Веројатно дека ќе има нови и нови соеви и мутации на вирусот. Меѓутоа, вакцината е таа која што штити, го намалува ризикот од смртен ризик неколкукратно или од тешка форма на болеста. И тоа е начин ние да ги вратиме животите во нормала. За жал, гледаме дека имаме граѓани коишто се уште се невакцинирани. Апелирам да се вакцинираат, тоа е начинот и да се заштити здравјето, а ние да го штитиме системот од понатамошни бранови и оптеретувања, рече Филипче.
