Мерките ќе стапат на сила утре и ќе траат до 13 август
Грција денеска воведе полициски час и забрани музика на два популарни туристички острови со цел да се спречи ширењето на ковид-19, изјави грчкиот заменик министер за цивилна заштита.
Најновите мерки се однесуваат на островот Закинтос на Јонското Море, каде што бројот на заразени се зголеми за 69 проценти во споредба со претходната недела, и за Ханија, град на западен Крит, каде што бројот на новозаразени се зголеми за 54 проценти.
Ограничувањата вклучуваат ноќен полициски час и целосна 24-часовна забрана за музика на сите места за забава.
Мерките ќе стапат на сила утре и ќе траат до 13 август, по препорака на комитетот на експерти за заразни болести, кој ја советуваше грчката влада, пренесува Ројтерс.
– Ги повикуваме жителите и туристите во овие области доследно да се придржуваат кон мерките за ограничување на ширењето на вирусот – објави Агенцијата за цивилна заштита.
Грција во средата пријави 2,856 инфекции со ковид и 16 поврзани смртни случаи, со што вкупниот број од првиот откриен случај во февруари 2020 година достигна 503,885 и 13,013, соодветно.
Минатиот месец, грчките острови во јужното Егејско Море беа означени со темно црвена боја на мапата на Ковид од Европскиот центар за превенција и контрола на болести, по зголемувањето на инфекциите, што значи дека не се советува патување во регионот.
Грција, која се обидува да го обнови туристичкиот сектор, кој беше тешко погоден од пандемијата на корона вирусот, исто така се бори со бран шумски пожари поради продолжениот топлотен бран.
