Во Словенија до сега се потврдени 200 случаи на позаразна делта варијанта на корона вирусот и се проценува дека може да стане доминантен во рок од една до две недели.
Најновите податоци од овластените лаборатории покажуваат дека во Словенија 200 случаи на делта сојот се потврдени со секвенционирање на примероците, од кои 66 случаи биле потврдени во неделата од 27 јуни до 4 јули, а 70 случаи во претходната недела.
Се уште се чекаат резултатите од тестирањето на примероците земени од стотици словенечки матуранти кои се заразиле со корона вирус во Шпанија, за кои исто така се сомнева дека се од делта сојот, објавија денеска словенечките медиуми.
„Делта сојот сè уште не стан доминантен во Словенија, но е во фаза на експоненцијален раст, така што може да ги надвладее другите соеви во рок од една до две недели“, изјави за ПОП-ТВ Матеја Логар, епидемиолог предводник на владиниот експертски тим за Ковид-19.
Според неа, варијантата Делта се шири 70-80 проценти побрзо од класичната алфа варијанта и ја предизвикува болеста порано, бидејќи симптомите се развиваат помалку од пет дена по контактот со заразеното лице.
Словенечката влада продолжува да предупредува дека наесен може да следи нов бран на епидемија од Ковид-19 поради новите соеви и недоволната вакцинација на населението.
„Вакцинацијата на населението е далеку од очекувана, и се чини дека сите очекуваат дека другите ќе бидат вакцинирани и дека на тој начин ќе постигнеме колективен имунитет“, предупреди Матеја Логар во изјава за ПОП-ТВ, додавајќи дека ваквото размислување не е фер.
„Немаме време за тоа, сите треба да се вакцинираат, а не да сметаат дека некој ќе ја заврши работата за нив“, рече таа.
Словенија досега имунизирала скоро 36 проценти од вкупната популација со две дози на вакцини, но во моментов не ја разгледува можноста за воведување на задолжителна вакцинација за некои категории вработени во чувствителни услуги, но Логар рече дека бесплатните тестови за корона вирус најверојатно ќе бидат укинати за оние кои можат да се вакцинираат, но одбиваат да го сторат тоа.
