Единаесет дена откако КОВИД-19 беше прогласен за глобална пандемија, српскиот претседател Александар Вучиќ го бакна кинеското национално знаме во знак на благодарност за медицинската опрема и личната заштитна опрема, кога кинескиот медицински персонал слета во Белград на 22 март 2020 година.
Низ српскиот главен град осамнаа билборди со натпис „Благодарам, брате Си“.
Она што се чинеше дека е главен пример за кинеската ковид дипломатија беше изградено врз напредни економски и дипломатски врски помеѓу Пекинг и Белград, вистински столб во рамките на кинеската иницијатива 17 + 1 во Централна и Источна Европа заедно со Балканот.
По медицинскиот контингент, Кина финансираше мрежа на лаборатории за спроведување на тестови за коронавирус. Во средината на јануари, друг авион испорача серија од еден милион дози од кинеската вакцина Синофарм. Вучиќ повторно се појави на аеродромот.
Половина година подоцна, наративот се смени. Веќе не стануваше збор за пробивање на Кина на Балканот, туку за способноста на Србија да се носи со повисоката категорија. Српските власти постигнаа импресивен напредок во вакцинирањето на своите граѓани – и користењето на вакцините како дипломатска алатка:
Во земја со население од нешто повеќе од седум милиони, дадени се 5,15 милиони дози. Повеќе од 2,4 милиони луѓе – над една третина од српските граѓани – добија две дози.
Србија донираше вакцини на соседите како Црна Гора, Македонија и Босна и Херцеговина (Република Српска, ентитет со мнозинско српско потекло).
Луѓето од соседните земји можеа да се регистрираат и да примаат вакцини за време на посета на Србија.
На кратко, Белград го искористи моментумот кога кооперативната програма COVAX, предводена од Светската здравствена организација, се покажа како многу бавна во набавката на вакцините, а земјите-членки на Европската унија беа зафатени со грижата за сопствените граѓани.
Арсенал вакцини
Кина е дел од успехот на Србија, но тоа не е целата приказна. Вакцините Синофарм, почнувајќи од јануари 2021 година, се додадени на белградскиот арсенал на вакцини. Вучиќ беше вакциниран со кинеската вакцина пред ТВ-камери во зафрлено село во источна Србија. Владата ги објави плановите за локално производство на Синофарм во партнерство со Обединетите Арапски Емирати.
Сепак, Србија не ги стави сите свои јајца во една корпа. Всушност, Србија веќе ја доби првата пратка од вакцината Фајзер во декември 2020 година, а премиерката Ана Брнабиќ уште тогаш се вакцинираше – далеку пред повеќето други европски лидери.
Руската вакцина Спутник V пристигна во јануари; подоцна, на почетокот на јуни, Институтот Торлак во Белград стана првиот објект надвор од Руската Федерација што почна да ја произведува.
Пратка со вакцината АстраЗенека пристигна во февруари. Србија зеде вакцини од сите извори – Кина, Русија и западните компании – и ги искористи максимално резервите кои успеа да ги собере.
Овој одговор на КОВИД-19 дава беспрекорна илустрација на српската надворешна политика. Вучиќ не е заинтересиран да застане на страната ниту на Кина, ниту на Западот, особено додека конкуренцијата за моќ меѓу Пекинг и Вашингтон се забрзува.
Тој верува дека интересите на Србија и неговата лична програма можат најдобро да се задоволат ако тој е отворен за деловно работење со сите. Ситуацијата ја рефлектира долгогодишната рамнотежа на Белград меѓу ЕУ и САД, од една страна и Русија, од друга страна. „Седи на две столици“ како што опиша во Србија американскиот дипломат Брајан Хојт Ји во 2017 година.
Моќта на флексибилноста
Во случајот на Србија, дипломатијата за вакцини се покажа како флексибилна. Србија помина многу подобро во вакцинирањето на своите граѓани отколку нејзините прозападни соседи, како што се Македонија и Црна Гора, двете членки на НАТО. Вучиќ доби пофалби во целиот регион.
Големи се шансите тој да направи уште повеќе вакви маневри во иднина.
Иако кинеските вакцини и дипломатијата постигнаа неколку поени на Балканот, локалните играчи како српскиот претседател Вучиќ апсолутно го украдоа шоуто.
