22 C
Skopje
среда, мај 5, 2021
spot_img

Бектеши на средба со амбасадорите и директорот на ЦЕФТА, Џикиќ: Отстранувањето на пречките во трговијата ќе овозможи просперитет и благосостојба за сите граѓани во регионот

Слободното движење на стоките, слободна трговија со услугите, отстранување на пречките во трговијата со стоките и услугите, дополнителниот протокол 7 за решавање на споровите, како и институционалниот развој на структурите се главните приоритети на македонското претседавање со Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА) во 2021 година.

„Примената на ЦЕФТА договорот и активностите предвидени во Акцискиот план на Заедничкиот регионален пазар 2021-2024, се основи врз кои се темели македонското претседавање со ЦЕФТА“, кажа министерот за економија Крешник Бектеши на денешната презентација на програмата за претседателството на ЦЕФТА од страна на Северна Македонија пред генералниот директор на Секретаријатот на ЦЕФТА, Емир Џикиќ, амбасадорите на земјите членки на ЦЕФТА и претставници од Европската комисија во Брисел.

Министерот Бектеши информираше дека клучниот столб на нашето претседавање е трговијата, а овој столб има главна цел олеснување на слободното движење на стоки, капитал, услуги и луѓе меѓу земјите на ЦЕФТА со цел да се овозможи просперитет и благосостојба за сите граѓани. 

„Како еден од приоритетите на претседавањето се и преговорите и склучувањето на Дополнителниот протокол 7 за решавањето на споровите со кој ќе се создаде правна рамка за решавање и елиминирање на трговските бариери меѓу членките на ЦЕФТА“  кажа министерот и додаде дека во олеснувањето на трговијата со стоки, ќе се фокусираме на заемно признавање на трговските документи, поедноставување и усогласување на процедурите и понатамошно усогласување со регулативите и стандардите на ЕУ. 

Како дел од активностите кои ќе се преземат оваа година под нашето претседателство ќе биде и продолжување на функционирање на Зелените  коридори  за полесно транзитирање на стоки низ регионот како и за проширување на овие коридори кон соседните ЕУ земји. 

Активности ќе бидат насочени и кон следење на напредокот евидентиран во секоја ЦЕФТА страна во врска со елиминацијата на пријавените нетарифни бариери, подготвување  единствен список со сите такси и давачки за увоз или извоз на стоки, подготовка на Акцискиот документ за имплементација на инфраструктурата за квалитет, спроведување на програмите за заемно признавање на Овластените економски оператори и други.

Министерот потенцираше дека главната цел е подобро интегрирање на земјите од Западен Балкан помеѓу себе, но и со Европската унија.

Генералниот директор на Секретаријатот на ЦЕФТА, Емир Џикиќ потенцираше дека имајќи ја клучната улога во спроведувањето на активностите поврзани со трговијата од Акциониот план, ЦЕФТА има амбициозна агенда за 2021 година, насочена кон олеснување на економското закрепнување на регионот на ЦЕФТА.

„Лидерите на регионот ветија дека ќе градат заеднички регионален пазар со еден глас и заеднички погон. Беа направени силни обврски, и тие обврски бараат акција. Годината ја започнавме со амбициозна агенда, развивајќи нови механизми и покренувајќи иницијативи за олеснување на трговијата и забрзување на економското закрепнување на регионот. Направена е многу работа, но потребни се дополнителни напори за да се дадат резултати ветени за Самитот во Берлин. Тоа ќе биде клучна точка не само да се процени силата на регионалната соработка, туку и да се донесат опипливи резултати за бизнисите и нашите граѓани“ кажа Џикиќ во своето обраќање пред амбасадорите.

Читај Следно

10,347FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести