21.8 C
Skopje
четврток, март 28, 2024

Шахпаска: Состојбата во градинките е стабилна, побаравме од Комисијата за заштита од заразни болести да дозволи зголемување на групите

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска оствари средба со претставнички на мајките коишто се на породилно отсуство. На средбата се разговараше за состојбата за упис на децата во градинките, како и за потребата општините и директорите на градинките соодветно да го раководат процесот на прием на деца во градинките, за да се овозможи целосно искористување на капацитетите во градинките.

Министерката Шахпаска информираше дека Министерството за труд и социјална политика ја следи состојбата со пандемијата КОВИД-19 во градинките на дневно ниво. Анализата покажува дека сместувањето во градинките е безбедно и дека нема внатрешна трансмисија на вирусот.  

Врз основа на досегашните информации бројот на заболени деца од КОВИД 19  во нив е минимален и не бележи тенденција на раст.

Во однос на барањето за продолжување на породилното отсуство министерката Шахпаска информираше дека со оглед на стабилната состојба во градинките, како и поради фактот што вработените во градинките беа приоритетно вакцинирани, Министерството за труд и социјална политика достави писмено допис до Комисијата за заштита од заразни болести со кој предлага да се разгледа можноста за зголемување на бројот на деца во градинките.

Согласно Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитание на деца по престанување на траењето на вонредната состојба, во моментов е предвидено воспитните групи за деца до две годишна возраст да имаат максимум по 12 деца, додека групите за децата од 2 до 10 годишна возраст да имаат по максимум 15 деца.

Доколку биде прифатен нашиот предлог, образложи министерката, дополнително ќе се зголеми капацитетот на градинките, ќе можат да се примат повеќе деца, со што ќе се обезбеди грижа за децата особено во оние семејства каде што и двајцата родители работат или пак се самохрани родители.

Таа нагласи дека како ресорно Министерство во чија надлежност е грижата за најмладите, децата, креирање на политики кои значат обезбедување на услови и можности за што поголем опфат на деца во предучилишно воспитание и образование е врвен приоритет.

Тоа го потврдува и фактот дека  за само седум месеци отворени се нови 11 градинки со  опфат на нови 670 деца, а до крајот на годината ќе бидат отворени уште 13 нови градинки со дополнителни 1408 места за деца од предучилишно образование во нив.

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести