1.8 C
Skopje
вторник, ноември 24, 2026

Дали Димовски знае за криминали на Мицкоски и која е цената по која Мицкоски си купува амнестии ?


Помина точно една недела откако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски „од никаде“ реагираше за отварање на нов случај против Димитар Димовски, поранешен член на неговиот Извршен комитет, близок пријател и според информациите во јавноста, бизнис партнер.
Цела недела, обвинителството не само што не бараше притвор за Димовски, како што вообичаено постапува против поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ, туку не процесуираше никаков случај.
Во јавноста остана да виси изјавата на Мицкоски и дилемите околу неговите мотиви.
„Кога Зоран Заев сака да направи дефокус од катастрофата која и ја приредува на државата ги вклучува партиските механизми на полицијата и правосудството и први дежурни кривци му се Димитар Димовски и Миле Јанакиески“ изјави Мицкоски по средбата со претставниците на Стопанска комора на Северо-западна Македонија.

Против Јанакиески секојдневно се водат рочишта, а против десетици други функционери се изрекуваат различни мерки и санкции кои Мицкоски ги премолчувал па е повеќе од јасно дека во случајот неговата реакција не е наменета за поранешниот министер.
Впрочем името на Димитар Димовски не се појави сега за прв пат во јавноста.
На пред точно две години, на ТВ дуел лидерот на СДСМ, на Мицкоски отворено му посочи дека лицемерна е неговата грижа за сопартијците, бидејќи на средбите кои биле подалеку од очите на јавноста, Мицкоски се пазарел само за Димовски посочувајќи го како бизнис партнер на првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ.
„Сте знаеле да прашувате за вашите бизнис другари, кога сме имале средби за Законот за Јавно обвинителство, па и на други преговори. Ако сакате ќе ги споменеме и со имиња, Димитар Димовски на пример“, изјави тогаш лидерот на СДСМ.
Заев тогаш беше уште подиректен и му кажа дека никогаш не разговарал за луѓето обвинети за 27 април.
„Па вие никојпат не сте прашале дали има разграничување на правда за едни, а за други не. Сте знаеле за вашите бизнис другари да прашувате кога сме имале разговори за СЈО и за другите законите. На пример сте прашувале за Димитар Димовски.“ рече Заев.

Медиумите тогаш обелоденија дека агроекономистот Димовски Димовски има удел во компанијата „Енерготек“, во која исто така свој удел има лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.Претходно беше објавено дека тој е сопственик на земјиште од над 14 илјади квадратни метри во општина Берово, од вкупно 30 илјади квадратни метри кои порано биле во државна сопственост.
Токму за бизнисот со хидроцентралите , СДСМ претходно во континуитет го прозиваше Мицкоски околу неговата улога како советник за енергетика во владата и инволвиран во бизнисот.
„За потсетување, Мицкоски бизнисот со хидроцентрали го добива во време кога е советник на неговиот ментор Никола Груевски. Тоа е класичен судир на интереси. Во 2015 година, кога Мицкоски бил советник кај Груевски, конзорциумот во кој удел има Мицкоски, токму од Владата на Груевски добива државно земјиште од речиси 33 илјади квадратни метри за изградба на хидроцентрала.“ обвинуваше СДСМ.
Беа објавени и фотографии од хидроцентралата, а за чудо политичките „Русковска-обвинителство и Кацарска-судство“ токму против Мицкоски не покренаа никако вслучај за конфликт на интереси.

За разлика од реакциите за Димовски, Мицкоски не излезе на протест ниту за пресудата на Гордана Јанкулоска, ниту за правосилните пресуди на обвинетите за 27 април.
На општа зачуденост на обвинетите и на нивните семејства, Мицкоски после сведочењето изјави дека сакал да биде вицкаст во судницата каде што неговите сопартијци се соочуваат со затворски казни поголеми од 10 години.
„Се обидов да бидам вицкаст и да внесам една доза на хумор во судницата, бидејќи за прв пат еве се појавувам во судница во својство на сведок. Не сум бил до сега во својство на обвинет, една чудна атмосфера, многу сериозна, која што јас за прв пат ја гледам и се обидов малце да внесам ведрина“ изјави Мицкоски и ги разгневи социјалните мрежи со својата несериозност.

Мицкоски го немаше со реакции ниту за обвинението на Силвана Бонева, ниту за притворите на низа поранешни функционери.
Пред два дена Мицкоски ја смени реториката и кон неговиот претходник Груевски. Додека предметот против Димовски тој го толкува како политички дефокус, Груевски го прогласи за бегалец, иако има статус на политички азилант. Додека за Димовски бара амнестии од Заев, за Груевски побара да се појавел и да одговарал.

Останува нејасно само со што Мицкоски ја задолжил власта за да не биде третиран како Груевски, Јанкулоска, Мијалков, Јанакиески, Божиновски и останатите.
СДСМ го прозиваше Мицкоски за сомнително стекнати хидроцентрали, за кршење на епидемиолошките мерки со седењето во кафеани во Дебар Маало и за недозволен престој во теретана, а неговото име се споменуваше и во предметот Талир. За ниеден од овие случаи „Кацарска-судството и Русковска-обвинителството“ не покренаа постапка.
Во интервјуто во Фокус, поранешниот амбасадор во Унгарија, Игор Есмеров индиректно укажа и на сомнежи околу станови во Виена, договорот за клириншки долг со Русија, Шафхаузен часовниците и случувањата во советничката група во Гази Баба поврзани со изградба на станбено-деловен комплекс, но власта и таму не виде причина за да постапи.

Дали Мицкоски успеал да превенира притвор и уште една постапка против својот бизнис партнер и која е цената што ВМРО-ДПМНЕ ќе ја плати веројатно ќе се дознае наскоро или на следниот ТВ дуел со Заев пред избори. За потсетување, после сите предизборни дуели на Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ ги губеше изборите.

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести