Цела Хрватска ја потресе веста за смртта на единаесетгодишното момче кое почина од компликации предизвикани од вирусот корона и стана најмладата жртва на короната во оваа земја. Медицинската сестра Данијела Краjeвиќ (34) цела ноќ слушала од нејзината болничка соба додека лекарите се мачеле да го реанимираат момчето, пренесува „Вечерњи.хр“.
Според неа, таа не можела ниту да претпостави дека лекарите во тој момент се бореле за животот на детето.
– Првиот пат кога ќе го слушнете тој аларм, тој е длабоко врежан во вашата меморија. И кога повторно ќе зазвучи, трнењето започнува да минува од прстите низ целото тело, затоа што знаете дека оживуваат некого – додава таа.
За возрасните пациенти се вели дека се сместени во тој дел од болницата.
– Мислев дека се борат за живот на возрасен. Јас сум сама во собата и слушам затоа што не можам да спијам. Ја слушав таа борба цела ноќ и како малите ги викаат родителите – вели медицинската сестра.
Во своето писмо, кое беше објавено на Фејсбук страницата на медицинските сестри, Данијела Краjeвиќ, откако беше објавено дека момчето починало, напиша дека слушнала дека мајката на детето побарала да носи заштитно одело за да му каже збогум.
– Дали знаете што значи мајката да се прости од детето за последен пат?! Дали знаете што значи за некоја личност кога ќе ви дозволат да се збогувате со некој близок за последен пат? Тешко е, премногу е тешко за секого, особено за мајка која во еден момент ги изгуби своите најблиски, крв, љубов, 11 години од растењето што застана во еден момент, сè исчезна во еден момент – изјави таа.
Во тоа писмо Данијела Краjeвиќ изрази сочувство до семејството и пријателите на несреќното момче.
