21.8 C
Skopje
сабота, мај 11, 2024

Компатибилни политики на Апасиев и Мицкоски: АНТИ-НАТО Левица е алтерего на Мицкоски ?

Левица тргна во битка со Бугарија


Во пресрет на Денот на македонската револуционерна борба, а како што велат во контекст на максималистичките барања на соседна Бугарија пред отпочнувањето на пристапните преговори за членство на Македонија во ЕУ, пратениците на Левица – до Претседателот на Собранието поднесоа Предлог-Декларација за осуда на бугарските национал-шовинистички претензии.

Како што образложи Претседателот на Левица, Димитар Апасиев време е за реципроцитет во билатералните односи со соседите. Затоа Левица очекува сите пратеници да ја прифатат оваа Декларација.
Со Декларацијата се бара отфрлање на бугарскиот меморандум упатен од страна на официјална Софија до земјите-членки на ЕУ, како недоличен шовинистички акт кои ги урива добрососедските односи меѓу двете земји и поставува нереални, максималистички и експанзионистички барања кон македонската Република, под закана од т.н. бугарско вето за одржување на првата Меѓувладина конференција на ЕУ со Македонија, како почеток на планираните и долгоочекувани пристапни преговори за полноправно членство во Унијата.

Исто така де предвидува покренување на „зелена маса“ на круцијалното прашање за правата и статусот на непризнаеното македонско национално малцинство во соседна Бугарија (Пиринска Македонија) – согласно Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства (1994), донесена од Комитетот на министри на Советот на Европа, а по бројните жалби и поплаки за непостапување на бугарските државни органи во спроведувањето на добиените правосилни и извршни судски пресуди пред Европскиот суд за човекови права (Стразбур) против Република Бугарија, како и официјално државно барање за извинување од бугарските власти за сите сторени историски неправди, ѕверства и злосторства врз Македонците – како искрен чин на братско помирување и човекољубие.

Левица во предлог Декларацијата истакнува суштинската потреба од носење на стратегиска Македонска платформа за националните интереси на македонскиот народ, во која ќе се дефинираат државните „црвени линии“ – на внатрешен и на надворешен план – и точно ќе се назначат прашањата за кои никако и со никого не смее да се преговара.

Декларацијата предвидува и итно запирање со работа на некредибилната т.н. Заедничка меѓувладина експертска комисија, формирана со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Р. Македонија и Р. Бугарија (2017) – поради непрофесионални и манипулативни тенденции за историски ревизионизам, квазинаучни шпекулативни фалсификувања и контроверзна рехабилитација на големобугарските фашистички идеи, како и поради обиди за омаловажување на ликот и делото на апостолот Гоце Делчев и на други видни личности и великани од македонската античка, средновековна и нововековна историја и многугенерациска борба за македонска државност, автономија и независност.


Левица собра храброст и го предложи тоа што Мицкоски подолг период наназад го најавуваше

Веројатно ниту Левица, ниту ВМРО-ДПМНЕ нема да признаат дека станува збор за договорен и координиран настап, но ревизијата на договорот за добрососедство со Бугарија, подолго време се најавуваше од двете структури иако навидум се на спротивната страна од политичкиот спектар.

Точно пред една година, по завршување на лидерската средба кај Претседателот Стево Пендаровски, Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара во собранието да се осуди бугарската резолуција со која што се бараше откажување од македонското малцинство и се задираше во македонскиот јазик. „Јас побарав да заземеме став како политички партии и можеби и ние да донесеме една таква резолуција во нашиот парламент дека тоа е навистина огромна навреда и практично тоа никако не води во подобрување на добрососедските односи туку напротив тоа само ги заострува и се користи позиција за дополнително уценување и условување на нашата држава. На некој од следните состаноци претпоставувам ќе се реотвори ова прашање. Јас навистина инсистирам во рамките на парламентот да се донесе една резолуција, која ќе биде практично одговор на резолуцијата која ја донесе бугарскиот парламент, дека ниту ни паѓа на памет ниту имаме намера ние како ВМРО-ДПМНЕ или како политички партии да постапиме согласно барањата на нашиот источен сосед“ изјави Мицкоски.


Пред еден месец пратеникот Антонио Милошоски во име на ВМРО-ДПМНЕ, исто како и Левица побара Собранието да расправа за бугарскиот меморандум и да усвои декларација за потврдување на македонскиот идентитет. „Европа и нејзиното мото обединети во различностите би требало да важи и за Македонија и сметаме дека за тие прашања не би требало да има преговори, напротив тие прашања треба да бидат поддржани од сите политички партии во Република Македонија дека не треба да се преговара, напротив треба да бидат афирмативни. Мислам дека Собранието би било добро како контра одговор на Бугарското национално собрание да усвои една заедничка декларација во која што идентитетот на македонскиот народ, посебноста на македонскиот јазик и сите други културни и национални обележја би биле заеднички потвредени и со самото тоа афирмирани како дел од европските вредности на културните и националните идентитети на овој континент“, рече Милошоски.

Во Брисел насмевки и поклон пред Борисов, во Скопје патриотска песна

Лицемерие и немање на став беа дел од коментарите со кои се коментираше минатогодишната средба на Мицкоски со бугарскиот премиер Бојко Борисов. За да биде сигурен дека Мицкоски нема подоцна да го изврти тоа што го кажал, Борисов сосем недипломатски одлучи да ја емитува во живо на својот фејсбук профил кратката средба. Најважно му беше да изнуди одговор дали Мицкоски го признава и прифаќа договорот со Бугарија, а попатно и да ја види неговата реакција на изговарањето Северна Македонија. Реакција за „Северна“ изостана, а за договорот доби потврда дека Мицкоски подржува се што е позитивно за двете страни.

Соработници на Мицкоски , соработуваат и со Левица ?

ВМРО-ДПМНЕ во својот статут јасно ја има нагласено ЕУ и НАТО интеграцијата како стратешка определба на партијата. Левица, пак не го крие антинато и антиеу расположението. Малку чудно , но и двете партии во голема мера реализираат исти политики настапувајќи со исти предлози, ставови и критики, иако декларативно имаат различна крајна цел. Некој или е наивен или свесно лаже, но факт е дека по централните прашања не постои разлика меѓу Апасиев и Мицкоски. Двајцата се спротиставија на Законот за јазици со исти аргументи. Двајцата се спротиставија на договорот од Преспа и одлучија да не го повикаат членството да гласа на референдум. Двајцата се спротиставија на договорот со Бугарија и побараа да се донесе собраниска декларација. За волја на вистината Мицкоски само зборуваше, а Апасиев предложи.


Се погласно се говори дека дел од структурите кои по социјалните мрежи застанаа зад движењето Бојкотирам, сега стојат и зад Апасиев и зад Мицкоски. Поранешниот разузнавач Синиша Алексовски се шпекулира дека води голем број профили кои ги форсираат заедничките политики. Впрочем пишувавме и дека Алексовски беше поврзан со неодамнешните проширувања на ВМРО-ДПМНЕ со кои во структурата на партијата влегоа структури од други партии кои се залагаа за бојкот на референдумот и најавуваа поништување на договорот со Грција.


Дали Мицкоски отворено ќе ја подржи декларацијата на Левица која сам ја бараше или ќе потклекне пред притисоците на меѓународната заедница и неговиот пријател Борисов ќе се знае наскоро. Извесно е само дека играњето со Левица оди во прилог на Апасиев кој добива во секој случај. Доколку декларацијата биде подржана тој ќе биде „храбриот патриот“ кој ја предложил, а доколку не помине тогаш играта на Мицкоски може да биде осудена како уште едно лицемерие што ќе значи дополнително осипување на гласовите.

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести