Коронавирусот веќе зема голем замав во цела Европа, вториот бран се карактеризира со огромни бројки на новозаразени на дневна основа, а Белгија како да ја губи контролата над вториот бран. Таа е близу да биде поплавена од „цунами“ од нови случаи, предупреди министерот за здравство на земјата Франк Ванденбруке денес откако баровите и рестораните беа затворени, а на сила стапи и полицискиот час преку ноќ.
Ванденбруке ја опиша ситуацијата во регионот Валонија, како и во главниот град Брисел, како „најлошата и најопасната во цела Европа“.
– Ние сме најпогодениот регион во цела Европа. Ние сме навистина близу до цунами и повеќе нема да можеме да контролираме што се случува. Денес сè уште можеме да контролираме што се случува, но со огромни тешкотии и стрес, рече министерот.
Тој изјави дека Белгијците мора радикално да го променат однесувањето.
Целта на новите мерки воведени во Белгија е да се ограничат социјалните интеракции со цел да се забави експоненцијалниот раст на пандемијата.
Нов бран случаи на коронавирусот веќе доведе неколку болници да ги одложат операциите што не се потребни за да се фокусираат на лекување на пациенти заболени од коронавирусот.
Портпаролот на кризниот центар, Ив Ван Летем, изјави денес дека во просек се регистрирале нови 7.876 случаи на ден во последните седум дена, што е зголемување за 79 проценти во однос на претходната недела.
Ван Летем рече дека реалната епидемиолошка состојба во земјата може да биде уште полоша, имајќи ги предвид моменталните доцнења во објавувањето на резултатите од тестовите.
Како дел од борбата против ширењето на инфекцијата, полицискиот час во Белгија ќе се применува од полноќ до пет наутро и ќе трае најмалку еден месец.
Продажбата на алкохол ќе биде забранета по 20 часот, додека бројот на луѓе со кои жителите можат да се гледаат надвор од своето домаќинство ќе се намали од три на едно лице.
На луѓето им е наложено да работат од дома секогаш кога е можно.
Во Белгија има 2.485 пациенти во болниците, од кои 412 се на интензивна нега. Властите предупредија дека единиците за интензивна нега ќе достигнат полн капацитет од 2.000 кревети до средината на ноември, ако бројот на нови случаи продолжи да расте со исто темпо.
Премиерот Александар де Крој рече дека ситуацијата во Белгија сега е посериозна отколку во март годинава, кога земјата воведе карантински мерки на национално ниво.
– Имаме три пати повеќе луѓе на интензивна нега во болниците. Значи, ситуацијата во болниците е сериозна. Ќе се влошува и понатаму, рече Де Кро.
Според Worldometers, 222.253 лица биле заразени во Белгија, додека 10.413 луѓе починале како резултат на оваа инфекција.
