12.8 C
Skopje
вторник, април 16, 2024

На денешен ден во 1371 се случила “Маричката битка” по која Марко станал крал

Маричката битка позната и како Втора Маричка битка, се одиграла на реката Марица близу до селото Черномен (денес Орменио во Грција) на 26 септември 1371 помеѓу Отоманската војска предводена од Лала Шахин-паша и македонската војска на Волкашин Мрњавчевиќ и неговиот брат, деспотот Јован Углеша.

Христијанските војски биле распоредени во камп кај Черномен на реката Марица. Бидејќи христијаните биле уверени во својата големина, тие не биле доволно претпазливи, а сигурно и не очекувале напад пред да пристигне султанот со анадолската војска. Ова било главната причина за лошата дисциплина меѓу христијанската војска и нејзиниот пораз.

Румелиската војска на чело со Шахин Паша била распоредена во околината на Едрене во очекување на султанот. Лала Шахин го свикал воениот совет, на кој била донесена одлука Хаџ Илбеги заедно со неговиот одред од 4.500 војници да го започне нападот. Вечерта на 25 и 26 септември 1371 година согледувајќи го кампот на христијанската војска, Илбеги забележал дека таа е многу голема, но според изворите христијанската армија тонела во ноќното пијанство и ваквата состојба била многу добра за напад. Според Халкондил, обезбедувањето на кампот не било организирано.

Илбеги ги разделил своите сили на четири делови и ги испратил да нападнат во четири различни насоки. Нападот од сите четири страни создал паника и впечаток кај христијаните дека се опкружени од голема муслиманска војска. Изворите раскажуваат дека во паниката тие почнале да се убиваат меѓусебно. Благодарение на добрата и организирана муслиманска тактика, реката наместо заштитен ѕид се претворила во сериозна пречка за прегрупирање на христијанските сили. Христијанската војска била целосно разбиена:

Тие не само што не ги истераа Турците, туку и самите тие настрадаа бидејќи беа убиени и коските таму си ги оставија непогребени; Други пак загинаа од сечилото на мечот или пак беа одведени во ропство; Трети пак, малкумина, добија можност да се спасат и да побегнат

Мавро Орбини пак битката ја опишал малку поразлично за разлика од Лаоник Халкондил. Според него првично Турците се сокриле во планините, а христијанската армија ги опустошила новите турски земји. Сепак, кога христијанската армија се враќала назад, тие ги нападнале силите на Углеша.

Во борба загинале и двајцата претставители на походот – браќата Волкашин и Углеша. Околностите околу нивната смрт не е позната и нивната смрт е станала легенда. Според Мавро Орбини деспотот Углеша се удавил во обид да побегне преку реката Марица. Волкашин успеал да ја премине реката, но додека пиел вода бил задавен од страна на неговиот војсководец Никола Хрсојевиќ. Подоцна неговите останки биле однесени во манастирот Свети Димитар кај Сушица.

Лала Шахин не можел да се помири со големиот успех кој го направил Хаџи Илбеги па наредил да биде убиен. Воените успеси на Лала Шахин и султанот Мурат продолжиле. Синот на Волкашин, Крале Марко, го наследил татка си на престолот на прилепското кралство, но сега како вазал на Турците. Бугарија исто така останала во вазалски статус.

Со ова, Македонија и делови од јужна Србија потпаднале под Отоманска власт. Битката била дел од напредувањето на Отоманците во освојувањето на Балканот. Битката била проследена со заземањето на градовите Драма, Кавала и Сер во денешна Егејска Македонија.

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести