Град Скопје има околу 140 објекти кои се дивоградби, рече градоначалникот Петре Шилегов одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција.
Шилгов рече дека на местото каде се руши зградата пред „Мавровка“, веројатно ќе може да се обнови истиот објект односно кафулето кое изгоре.
– Градот за жал, нема ингеренции над дивоградбите. Аналитиката кажува дека има околу 140 објекти на територијата на Град Скопје. Повикувам сите институции да си ја вршат работата. Во Мавровка во сутеренот беше легализиран тој објект, веројатно во постапка на обнова може да се врати тој дел кој беше легализиран, изјави Шилегов.
Објектот пред Мавровка кој никна на местото на изгореното кафуле „Фонтана“, сега е срамнет со земја. Рушењето започна во средата откако владата препорача Општина Чаир и ЈП Македонија пат да потпишаат договор за уривање.
