Американскиот државен секретар Ентони Блинкен попладнево треба да пристигне во Скопје, каде што ќе учествува на 30. Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа – ОБСЕ, што се одржува од денеска до 1 декември.
Блинкен учеството на ОБСЕ самитот ќе го почне со средба со шефот на дипломатијата и претседавач на ОБСЕ, Бујар Османи. Тој во Скопје треба да пристигне од Брисел, каде што учествува на Министерскиот состанок на НАТО, а по средбата со Османи, американскиот државен секретар планирано е да учествува на неформална вечера која му претходи на Министерскиот совет, кој официјално почнува утре. По Скопје Блинкен заминува за Израел.
Во најавата од Стејт департментот за посетата на Блинкен на Скопје се наведува дека тој ќе ја потврди цврстата посветеност на САД кон ОБСЕ и нејзината основна мисија за унапредување на безбедноста, стабилноста и соработката меѓу државите, со посебен акцент на човековите права и мирното решавање на спорови. Секретарот Блинкен, исто така, ќе ја истакне клучната улога на ОБСЕ во унапредувањето на сеопфатната безбедност во регионот и ќе и се заблагодари на Северна Македонија за нејзината лидерска улога.
