Најбогатите глави на технолошки гиганти пронајдоа нов инвестициски „свет грал“ – нуклеарна фузија.
Џеф Безос, Бил Гејтс, Сем Алтман, Винод Косла и Питер Тиел се само дел од милијардерите кои го „јазеа бранот“ инвестиции во технологија кои – барем засега – не се профитабилни. Сепак, најбогатите луѓе во светот, се чини, тој факт не ги загрижува премногу.
Ко-основачот и извршен директор на Salesforce, Марк Бениоф, изградбата на реактори за фузија ја нарекува „величествен сон“.
„Тоа е светиот грал. Тоа е митски еднорог. Нема граници, штом ќе го започнете“, изјави Бениоф за „Волстрит журнал“.
Бениоф инвестираше во американската фирма Commonwealth Fusion Systems (CFS), која дизајнира и гради компактни уреди за нуклеарна фузија. Бил Гејтс е исто така инвеститор во CFS, а основачот на Amazon Џеф Безос инвестираше во канадската компанија General Fusion.
Тоа е процес на спојување на јадрата на лесни атомски елементи, при што се ослободува огромна количина на енергија.
Научниците знаат околу сто години дека енергијата на нуклеарната фузија се ослободува во Сонцето и тие се обидуваат да ја развијат на Земјата со децении.
Едно од најголемите достигнувања во истражувањето за фузија се случи минатиот декември кога научниците од Националната лабораторија Лоренс Ливермор дојдоа чекор поблиску до пресвртница во создавањето чист и неограничен извор на енергија.
Тоа беше прв пат на Земјата кога контролирана реакција на фузија произведе повеќе енергија отколку што беше потребно за да се започне и одржи. Нуклеарната фузија се смета за потенцијален извор на енергија во иднината бидејќи не произведува нуклеарен отпад.
Но, веројатно ќе поминат децении пред да може да се примени за комерцијално производство на електрична енергија.
И покрај ова, секторот за нуклеарна фузија забележа голем пораст на глобалните инвестиции во последниве години. Само во 2021 година, околу 2,8 милијарди долари беа инвестирани во фузија, во споредба со околу 2 милијарди долари во претходната деценија.
Бениоф рече дека лицето кое го убедило да инвестира во компанија која се занимава со комерцијализација на нуклеарна фузија е Винод Косла, ко-основач на Сан Микросистемс.
