Фон дер Лајен зборуваше за земјотресот, кој однесе речиси 50.000 животи во Турција и Сирија, како најголема природна катастрофа што го погодила регионот во последните неколку години.
„Милиони сега се бездомници и живеат во шатори во текот на зимата“, рече таа на почетокот на конференцијата. „Мора да се мобилизираме за обнова. Домовите, училиштата и болниците мора да се обноват, со највисоки стандарди за безбедност од земјотреси. Водата, канализацијата и другата клучна инфраструктура мора да се поправат. На јавните служби и бизнисите им е потребен капитал за повторно да работат, за луѓето да можат да заработуваат за живот“, рече таа.
Фон дер Лајен рече дека Комисијата ќе обезбеди дополнителни 108 милиони евра за хуманитарна помош и за обновување на Сирија. Европската унија не одржува дипломатски врски со претседателот на земјата, Башар ал Асад, од војната што започна во 2011 година.
Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) проценува дека „вкупниот финансиски товар од земјотресот“ за Турција е околу 103,6 милијарди долари, што е 9 отсто од проектираниот БДП на земјата за 2023 година.
