Проценките на ММФ за 2023 година „веќе не се толку лоши, но не се ниту добри“, рече Кристалина Георгиева, потсетувајќи дека меѓународниот кредитор и натаму очекува забавување на економскиот раст годинава и дека инфлацијата се уште е загрижувачка.
„Пазарите имаат причина за зголемен оптимизам затоа што конечно гледаат дека американската економија веројатно ќе избегне рецесија, дека Кина се отвора и дека кинеските потрошувачи брзаат да ги потрошат парите што ги заштедиле за време на пандемијата и карантинот“, рече шефицата на ММФ.
Според неа, позитивни фактори се еластичните пазари на труд во САД и ЕУ, отворањето на Кина, „изненадувачки добрите резултати на централните банки кои ги заострија условите за финансирање“ и фактот дека инфлацијата конечно слабее.
Но, централните банки се уште не ја добиле војната, предупреди Георгиева на Самитот на Светската влада.
На прашањето дали банките ќе продолжат со заострување на монетарната политика, таа рече дека ММФ очекува ваква политика годинава, но проценува дека таа нема да се протега на значителен дел од 2024 година.
