„Неморално е што компаниите за нафта и гас остваруваат рекордни профити благодарение на оваа енергетска криза, над грбот на најсиромашните жители и заедници, додека климата плаќа огромна цена“, рече Антонио Гутереш на прес-конференција по повод објавување на третиот извештај на ОН за меѓународните последици од руската инвазија на Украина.
„Ги повикувам сите влади да ја оданочат прекумерната заработка и да ги искористат тие пари за да им помогнат на најранливите во овие тешки времиња“, додаде тој, оценувајќи дека најголемите нафтени и гасни компании заработиле речиси 100 милијарди долари во првиот квартал од 2022 година.
„Ги повикувам луѓето да испратат јасна порака до индустријата за фосилни горива и нејзините финансиери: оваа смешна алчност ги казнува најсиромашните и најранливите со уништување на нашиот единствен заеднички дом, планетата“, рече Гутереш.
По последната анализа во јуни, „влијанието на кризата со куповната моќ се чувствува се подлабоко и пошироко во светот“, се посочува во извештајот. Во исто време, се предупредува дека до крајот на 2022 година, околу 345 милиони луѓе во 82 земји би можеле да се најдат во ситуација на несигурност со храна, што е за 47 милиони повеќе поради оваа војна.
Во оваа смисла, извештајот, кој особено се занимава со „големата енергетска криза“, ги повикува владите да ги препознаат најранливите жители и да им обезбедат „пристапни“ извори на енергија.
Со цел да се справи со кризата без да се загрозат обврските за ублажување на климатските промени, владите се повикани да преземат чекори за намалување на побарувачката на енергија (заштеда на греење и климатизација, намалување на воздушниот сообраќај, реновирање згради) и забрзување на развојот на обновливите извори на енергија.
