Две од трите писти на аеродромот се целосно исчистени од снегот. Компанијата очекува да продолжи со работа со полн капацитет до вечерва, изјави портпаролот на IGA.
Откажувања на летови веќе не се очекуваат, но на патниците сепак им се советува да ја контактираат својата авиокомпанија пред полетувањето, додаде официјалниот претставник. Националниот авиопревозник Туркиш ерлајнс, исто така, ги советува патниците на помалиот аеродром Сабиха Гокчен на азиската страна од градот да контактираат со компанијата пред поаѓање.
Аеродромот во Истанбул, главен меѓународен центар, беше привремено затворен во понеделникот поради снежно невреме. Бројни патници останаа и мораа да преноќат на терминалот.
Некои корисници на социјалните мрежи споделија слики од патници кои спијат на подот и протестираат барајќи хотелска соба. Стотици патници биле принудени да останат таму, а некои спиеле на појасите за багаж, јавуваат локалните медиуми.
Аеродромот, кој започна со работа во 2019 година, прими 37 милиони патници во 2021 година на 269 дестинации од Блискиот Исток до Америка. Се очекува намалување на врнежите од снег во градот со 16 милиони жители, но метеоролошката агенција предупреди на мраз и слаба видливост, како и обилни врнежи од снег во остатокот од внатрешноста на Анадолија.
