Францускиот министер за здравство Оливие Веран ја објави мерката уште во септември, истакнувајќи дека се` повеќе млади жени се откажуваат од контрацепција од финансиски причини.
Луиз Делавие, портпаролка на француското феминистичко здружение En avant tous, рече: „Младите жени на возраст меѓу 18 и 25 се многу ранливи бидејќи губат многу права во споредба со времето кога биле малолетни и се во прилично лоша економска ситуација. “, изјави таа за АФП.
Во Франција контрацепцијата за малолетници е бесплатна.
Според Министерството за здравство, младите жени ќе добијат една бесплатна консултација со лекар или гинеколог, лекарски преглед и средства за заштита од бременост, без разлика дали се работи за контрацептивни таблети, спирала, дијафрагми или итна хормонална контрацепција.
Но, Лесли Фонкерн, социолог специјализиран за полови, смета дека „оваа мерка на никаков начин не се однесува на нерамнотежата меѓу жените и мажите кога станува збор за контрацепција“.
Слично размислува и Сара Дурошер, потпретседател на движењето за планирање семејство кое се залага за „сексуално образование за сите полови“.
„Сексуалното образование е клучот за да им се овозможи на луѓето да ги знаат своите права и да знаат каде можат да ги остварат, без разлика дали се работи за контрацепција, абортус или насилство.“
Европскиот парламентарен форум за сексуални и репродуктивни права (ЕПФ), кој го оценува „пристапот до модерна, ефективна и прифатлива контрацепција“ во Европа, ја рангира Франција на второто место во нејзиниот атлас за контрацепција за 2020 година, веднаш зад Белгија. Полска е најлоша во Европа по ова прашање.
„Иако некоја форма на контрацепција во европските земји користат речиси 60 отсто од жените во репродуктивна возраст, 35 отсто од бременостите во Европа се сметаат за непланирани“, велат претставниците на Форумот.
