Централниот совет на Алтернатива, вечерва со почеток во 19 часот, во седиштето на партијата во Тетово ќе донесе финална одлука околу менувањето на курсот на партијата и нејзин влез во владините структури заедно со СДСМ и ДУИ.
После повлекувањето на Беса од власта и неуспехот на иницијативата за гласање на недоверба на владата, минативе три недели првите луѓе на СДСМ и Алтернатива се сретнаа во три наврати за да го договараат влезот на партијата во власта, иако истата ја поддржа иницијативата за уривање на кабинетот на Премиерот Зоран Заев.
Зоран Заев и Африм Гаши ја убедуваа јавноста дека на средбите не се разговарало за кадровски решенија и поделба на „пленот“, односно функционерски и директорски решенија.
Напротив, по последната средба владините служби информираа дека бил констатиран евидентен напредок во усогласувањето на ставовите околу дополнувањето на содржинскиот дел на програмата на Владата, а биле разменети и идеи и видувања од двете страни за споделување на одговорностите на највисоко ниво во институциите на централната власт. Разговорите, наводно биле водени од аспирациите за европската агенда на државата и од потребата за испраќање јасни пораки кон граѓаните и кон ЕУ за посветеноста во европеизирањето на Македонија, за унапредувањето на економскиот стандард и квалитетот на живот. Можната заедничка влада, како што беше соопштено, ќе се посвети на предизвиците кои доаѓаат од пандемијата и глобалната енергетска криза и која без заддршка ќе ги остварува зацртаните стратешки цели на Република Македонија.
Веднаш после тоа, медиумите започнаа со лицитирање околу позициите кои мандатарот Заев е подготвен да и ги додели на Алтернатива, не заради „проста поделба на пленот“, туку заради поефикасно реализирање на владината агенда.
Порталот Журнал ексклузивно објави дека Алтернатива добила два капитални ресори и тоа Министерството за здравство и Министерството за информатичко општество и администрација, но и тројца заменици министри во министерствата за образование, земјоделие и култура. Според сознанијата на Журнал, Алтернатива можно е да добие и 25 јавни претпријатија, фондови или директорати.
Доколку овие информации се потврдат тоа значи дека Алтернатива ќе има огромно влијание во дури пет владини ресори кои имаат огромна тежина.
Алтернатива во моментов има четири пратеници, исто колку и ЛДП и ДОМ кои и покрај независниот настап на локалните избори одлучијаа да останат во владата на Заев.
ЛДП и ДОМ во владата на Заев го раководат само Министерството за локална самоуправа каде прв човек е Горан Милевски.
Доколку мандатарот Зоран Заев при разговорите со Алтернатива се водел само од програмските определби, тогаш се наметнува прашањето дали ЛДП и ДОМ немаат идеи за справување со пандемијата и глобалната енергетска криза или нивните кадри се целосно неспособни да се справат со предизвиците на евроинтеграциите, па мора пет ресори да им бидат отстапени на Алтернатива.
Заесега нема никаква реакција од ЛДП и ДОМ на новата поделба на владиниот колач, ниту пак коментар околу причините заради кои Алтернатива добива пет пати повеќе, иако има иста политичка моќ.
Јавноста е во исчекување да види кои се тие кадри на Алтернатива кои може пет пати повеќе да придонесат за програмските определби од кадрите на ЛДП и ДОМ.
Во исчекување се и ЛДП и ДОМ кои веројатно би сакале да бидат следните што ќе седнат на состанок со Зоран Заев или Димитар Ковачевски во Клубот на пратеници и ќе побараат поголем дел од колачот за нивна натамошна поддршка на власта.
Дали ќе имаат сола и единство да го сторат тоа, ќе се знае наскоро.
До тогаш вредноста на членската книшка на Алтернатива на македонската политичка берза го достигна врвот. Старата шега, сега би била модификувана „ако некоја мајка си го заборавила детето во Алтернатива, ќе треба да си го бара во некоја министерска или директорска фотелја“.
