Војниците ги уапсиле повеќето членови на суданската влада, вклучувајќи го и премиерот Абдулах Хамдок, кој бил однесен на непозната локација откако одбил да го поддржи државниот удар, соопштило министерството за информации, кое се уште е под контрола на поддржувачите на Хамдок.
Генералот Абдел Фатах ал -Бурхан, шеф на владејачкиот Суверен совет – тело формирано по соборувањето на режимот на Омар ал Башир во 2019 година за да ја надгледува поделбата на власта меѓу цивилите и војската – објавил вонредна состојба и го распуштил Советот и владата.
Според Министерството за информации, десетици илјади луѓе кои се противеле на ударот излегле на улиците во Картум, а во близина на воениот штаб дошло до пукотници. Има и повредени. Интернетот во градот паднал, а аеродромот е затворен.
Директорот на канцеларијата на Хамдок, Адам Хереика, рече дека војската го извршила пучот и покрај договорот што Хамдок го постигнал со Бурхан во присуство на специјалниот пратеник на САД, Џефри Фелтман.
Хереика ја обвинил војската за поттикнување немири во источен Судан и за користење на кризата за извршување на пучот.
Новинар на Ројтерс во Картум видел на улиците во градот заеднички сили на армијата и моќните паравоени сили за брза поддршка кои го ограничуваат движењето на цивилите, додека демонстрантите во различни делови на градот носеле национални знамиња и запалиле гуми.
Демонстрантите влегле на улицата околу воениот штаб во Картум, објавила Ал Џезира Мубашер.Повикувајќи се на очевидци, Ал-Арабија објавила дека има жртви во судирите пред воениот штаб.
Ситуацијата во Судан е напната по неуспешниот пуч минатиот месец, што предизвика судири меѓу војската и цивилните групи кои ја поделија власта по соборувањето на долгогодишниот владетел Омар ал Башир пред две години.
Политичката транзиција, договорена по соборувањето на Башир со улични протести, му овозможил на Судан да излезе од меѓународната изолација.Изборите требало да се одржат до крајот на 2023 година.
Министерството за информации соопштило дека воените сили уапсиле цивилни членови на Суверениот совет и членови на владата.
Во соопштението на Министерството се вели дека ги повикува Суданците да ги „блокираат воените движења насочени кон блокирање на демократската транзиција“.
Во следните месеци војската требало да го предаде раководството на заедничкиот суверен совет на цивили. Но, преодните власти не успеале да постигнат напредок во голем број прашања, вклучително и дали Башир треба да биде предаден на Меѓународниот кривичен суд, кој го бара за воени злосторства.
Американскиот пратеник Фелтман, кој бил во посета на Судан во саботата и вчера, рече дека САД се длабоко загрижени за воениот удар.
Загриженост изразил и специјалниот пратеник на ОН за Судан, Волкер Пертес и Арапската лига, која ги повикала сите страни да го почитуваат договорот за транзиција.
Судан е погоден и од длабока економска криза, рекордна инфлација и недостиг на основни производи.Западот предупредил дека воениот удар може да ја загрози меѓународната финансиска помош.
Хамдок е економист и поранешен висок функционер на ОН, кој бил назначен за технократски премиер во 2019 година и ужива меѓународна репутација.
Иако популарен кај продемократските цивилни групи, било тешко да се направи транзиција поради политичките поделби меѓу војската и цивилите и притисоците од економската криза.Многу од уапсените министри и функционери ја заостриле антивоената реторика во последните недели.Суданското здружение на професионалци, главната активистичка коалиција во бунтот против Башир, ги повикало приврзаниците да се мобилизираат по државниот удар.
„Ги повикуваме масите да излезат на улица и да ги окупираат, да ги затворат сите патишта со барикади, да организираат генерален штрајк и да не соработуваат со пучистите, и да им одолеат со граѓанска непослушност“, објавила групата на Фејсбук.
Коалиција на бунтовнички групи и политички партии овој месец застанале на страната на војската и повикале на распуштање на цивилната влада, организирајќи протест пред претседателската палата.Минатата недела неколку министри учествувале на големи протести против воената власт во Картум и други градови.
