Премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања одговарајќи на пратеничко прашање и обвинувањата на пратеникот Венко Филипче за лошата состојба во економијата, истакна дека бројките се немилосрдни и дека имајќи ја предвид почетната состојба што ја остави владата на СДСМ и ДУИ, односно ниската основа со која што се споредуваат резултатите на оваа Влада, бројките во последните две ипол години се подоминантни од било која економија.
-Што се однесува за економијата, горивата итн. ќе споделам нешто со вас. Каде и да одиме, вклучително и вчера во Брисел, каде и да одиме сите прашуваат како успевате да бидете од 30 центи до 50 центи по литар поевтини од нас за дизел горивата и како успевате тоа да го одржите со месеци. Буквално сите прашуваат, многу поразвиени земји од нашата. Вие можете да се потсмевате, да навредувате, да омаловажувате околу постигнувањата во економијата на оваа Влада, но бројките се немилосрдни и тие бројки се многу подоминантни од било која економија во последните 2 ипол години имајќи го предвид почетокот, односно основата со која што се споредуваме. Ние се споредуваме со многу ниска основа благодарение на вашата влада. И да таа ниска основа со која што се споредуваме, криминална, предавничка, анационална, ненародна итн. ние имаме раст во економијата да речеме 2024 година од 3,8% реален, во 2025 година исто така 3,8%, а просекот во првата половина од оваа година е 3,7% со тоа што во вториот квартал е 4,3% реален раст, а номиналниот е помеѓу 7 и 8%, потенцираше Мицкоски.
Што се однесува на БДП, Мицкоски рече дека таргетот од 20 милијарди долари којшто Владата го постави за да крајот на мандатот се постигна уште во 2025 година.
-И тоа што беше наша цел да дојдеме до 20 милијарди долари на крајот од мандатот, јас можам да ви кажам дека еве таа цел ја остваривме на крајот од 2025 година. Дојдовме блиску до 20 милијарди долари БДП. Ова година ќе отидеме над 21 милијарда долари или отприлика 21 милијарда и двеста -триста, зборам за 2026-та БДП, номинална вредност. По куповна моќ е над 32 илјади долари по глава на жител, а по номинална е некаде околу 12-12 илјади и нешто. За 2025 зборам, а 2026-та ќе биде повеќе. Тоа се бројки, а пред бројките велат дека и боговите молчат. Претпоставувам дека тоа ќе ви го објаснат, нагласи Мицкоски.
