2.8 C
Skopje
среда, ноември 25, 2026

Продолжува надзорната расправа за Алта банка во Собранието

Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска треба да ја продолжи надзорна расправа за причините за воведувањето администрација во Алта банка АД Битола, постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност.

Надзорната расправа, како што информираат од собраниската прес-служба, ќе продолжи со ислушување на исказите на останатите учесници (сведоци) повикани од Комисијата за финансирање и буџет. На надзорната треба да се разгледаат околностите што довеле до воведување администрација во банката, улогата на Народната банка во постапката, како и одговорноста на надлежните институции.

Пратеничката на СДСМ и претседателка на Комисија за финансирање и буџет, Сања Лукаревска вчера на прес-конференција соопшти дека на расправата се поканети и претставници на менаџерскиот тим, Управниот и Надзорниот одбор на Алта банка. Информира дека ниту едно од лицата на списокот на поканети сведоци до тој момент сè уште немал потврдено присуство. Дополнително, дел од нив, како што појасни Лукаревска, по вторпат се на службен пат токму во периодот кога треба да се одржи расправата.

Пратениците на СДСМ и коалицијата вчера во Собранието поднесоа интерпелација за гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во врска со случајот со Алта банка. Од СДСМ информираат дека со интерпелацијата бараат да се утврди политичка одговорност за постапувањето на Славески во врска со влезот на Алта банка АД Белград во тогашната Стопанска банка АД Битола.

Интерпелацијата се однесува на постапката во која, како што наведуваат од партијата, гувернерот и Народната банка дале претходна согласност Алта банка да стекне квалификувано учество во битолската банка. Од СДСМ бараат одговори за тоа какви проверки биле направени во однос на инвеститорот, сопственичката структура и потеклото на капиталот, како биле проценети ризиците за депонентите и врз основа на кои критериуми била дадена согласност за именување на Давор Мацура во Надзорниот одбор на банката.

Во насока на изнаоѓање нов сопственик и создавање услови за натамошно стабилно работење на Алта банка АД Битола, Народната банка на 16 ноември ја објави постапката за продажба на доминантниот акционерски пакет во банката. Станува збор за 372.742 обични акции, односно 95,336 проценти од вкупниот број акции, во сопственост на Алта банка АД Белград – во стечај.

Продажбата ќе се спроведе преку Македонската берза на хартии од вредност по моделот „сè или ништо“, што значи дека се продава целиот понуден акционерски пакет, без можност за купување само дел од акциите.

Првата јавна берзанска аукција е закажана за 30 ноември 2026 година. Почетната цена е утврдена врз основа на тековната берзанска цена и изнесува 3.777 денари од акција.

Доколку акциите не бидат продадени на првата аукција, следните аукции ќе се одржуваат последователно, на 1, 2, 3, 4 и на 7 декември 2026 година. На секоја наредна аукција почетната цена ќе биде намалена за 10 отсто во однос на почетната цена на претходната аукција.

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести