4.8 C
Skopje
понеделник, ноември 23, 2026

Сиљановска-Давкова: Добрососедските односи мора да бидат мост кон ЕУ, а не инструмент за неодредено одложување

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на заeдничката седница на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции, со единствена точка на дневниот ред – Годишниот извештај на Европската Комисија за земјава, за 2026 година.

На самиот почеток таа истакна дека македонската стратешка цел останува непромената – полноправно членство во Европската Унија, при што во процесот на преговори, доследно да се применуваат европските правила, принципи и вредности: еднаквост, правна сигурност и пристапување засновано врз заслуги.

Сиљановска-Давкова смета дека за нашиот напредок клучни се четири димензии: недоволна предвидливост на понатамошниот процес на пристапување, недоволно јасна граница меѓу критериумите за членство и билатералните политички прашања, отсуство на доволно институционални гаранции дека исполнувањето на договорените услови ќе овозможи реален напредок во преговорите и воопшто во самиот процес и политичката одредница за уставни измени од годишниот извештај за 2022 година.

„Мора да сториме нешто сите заедно и ние, и нашите соседи, и нашите европски партнери за да излеземе од лавиринтот. Секој што ќе тврди дека се работи само за уставни измени, сметам дека не е искрен. Или има намера, или нема желба да ја разбере позадината на нашата загриженост. Мојата порака кон сите наши соседи е дека добрососедските односи мора да бидат мост кон Европската Унија, а не инструмент за неодредено одложување на европската перспектива на соседот“, рече претседателката.

Истовремено, таа изрази очекување од Европската Унија – јасно да предочи дека билатералните прашања што не се поврзани со критериумите за пристапување не треба да бидат дел од преговорите и дека тој принцип мора да има реална институционална примена.

„Реформите и уставните измени, морам да го повторам она што многупати сум го рекла: уставните измени на кои се повикува извештајот не се реформи неопходни според правото на ЕУ. Тие се наметнат услов, надвор од правото на ЕУ. Но точно е дека се дел од заклучоците’, потенцираше Сиљановска-Давкова.

За неа, македонскиот евроинтеграциски процес нема да биде лесен ниту во иднина. И затоа, смета Сиљановска-Давкова, неопходно е високо ниво на согласност меѓу политичките субјекти во Собранието, конструктивен дијалог и меѓусебно почитување меѓу трите власти, но и меѓу власта и граѓанскиот сектор, проактивност, засилено спроведувањето на реформите и почитување на мерит системот.

На крајот, таа повика на конструктивна расправа, којашто ќе резултира со надминување на слабостите и проблемите, од една страна, како и со зајакнување на позитивните страни, од друга.

Покрај претседателката на седницата говореа и евроамбасадорот Михалис Рокас, министерот за европски прашања Беким Сали, претседателот на Комисијата за европски прашања, Антонио Милошоски, претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, како и дел од пратениците.

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести