ФРАНЦИЈА соопшти дека е „изненадена“ од коментарите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој го издвои Париз за тоа што не дозволи летови до Израел над францускиот воздушен простор, нагласувајќи дека одлуката е во согласност со француската политика од почетокот на војната против Иран.
„Изненадени сме од оваа објава. Франција не ја промени својата позиција од првиот ден од конфликтот и ја потврдуваме оваа одлука“, објави кабинетот на претседателот Емануел Макрон.
Трамп: Франција беше МНОГУ БЕСКОРИСНА
Трамп претходно напиша на Truth Social дека Франција била „многу бескорисна“ и дека САД ќе го „запомнат“ тоа.
„Франција не дозволи авиони што се упатуваа кон Израел, натоварени со воена опрема, да летаат над нејзина територија. Франција беше МНОГУ БЕСКОРИСНА во врска со „иранскиот касап“, кој беше успешно елиминиран! САД ЌЕ СЕ СЕЌАВАТ!!!“, напиша Трамп.
Ројтерс: Израел сакаше да го користи францускиот воздушен простор во текот на викендот
На 5 март, француската армија објави дека нема да им дозволи на американските авиони да ги користат француските бази доколку учествуваат во напади врз Иран, но дека ќе го дозволи тоа „привремено“ доколку станува збор за одбрана на француските сојузници во регионот.
Западен дипломат и двајца извори запознаени со ситуацијата изјавија за Ројтерс дека одбивањето се случило во текот на викендот и дека тоа е првиот таков потег на Франција од почетокот на војната. Израел, според тие извори, сакал да го користи францускиот воздушен простор за транспорт на американско оружје за војна.
