Миланската полиција разби банда која се занимавала со кражби и изнуда, и уапсила 21 лице, а меѓу уапсените била и 96-годишна жена која била на чело на криминалната група, објавија денес италијанските медиуми. Оваа група е откриена по истрага започната во 2023 година, по серија грабежи, киднапирања и измами, објавува „Милан Тудеј“. Како што објави полицијата, бандата остварила профит од 2,5 милиони евра преку криминални активности.
Начинот на кој дејствувала групата бил претежно ист, а членовите на бандата се претставувале како лажни полицајци. На овој начин, тие им се приближувале претежно на постари лица кога влегувале во куќата и се претставувале со лажна идентификација, по што влегувале и краделе што е можно повеќе вредни предмети за кратко време. Најчесто краделе накит што потоа го префрлале во странство во кампер, а потоа го рециклирале со соучество на златари. За време на истрагата, постигната е меѓународна соработка на службите, а бандата била активна и во Швајцарија и Белгија, покрај во Италија. За време на претресот во Швајцарија, запленети се 43.000 евра во готово, бројни луксузни часовници, златни прачки, накит и чанти. За време на истрагата, запленети се уште 15.000 евра во готово, како и луксузна стока во вредност од 500.000 евра. Меѓу уапсените е и 96-годишна жена за која истражителите изјавиле дека била раководител на логистичката база на криминалната група. Вкупната вредност на украдената стока е околу 2,5 милиони евра, објави полицијата.
