На телевизија Алфа во емисијата „Меѓу Редови“ гостуваше претседателката на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ и портпарол на Владата, Марија Митева која истакна дека Владата се соочува со политички опонент кој наместо аргументи и факти шири лаги и невистини, нагласувајќи дека владината комуникација се темели на транспарентност, будност и брза реакција со цел граѓаните навремено да бидат информирани.
„Јас би сакала да имаме политички опонент каде што политички ќе треба да се надмудруваме во рамки на политичката аргументација, за жал во моментов тоа го нема, ние се обидуваме да зборуваме со фактите и реалноста, тие континуирано со ширењето на лаги и невистини и како Влада точно знаеме во рамки на комуникацијата дека првото правило по кое и се водиме е будноста, брзата реакција, точно знаењето кога и каде да и ја соопштиме вистината на граѓаните се со цел да не бидат во заблуда, и мислам дека поткренувањето на индексот на транспарентност на Владата од година во година покажува дека сме на добар пат“, рече Митева.
Митева меѓу другото се осврна и на улогата на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, посочувајќи дека организацијата придонела за поголемо политичко учество на жените, отворање можности за нивно лидерско позиционирање и јакнење на нивната економска независност.
„Унијата на жени е убедливо најмоќната организација на жени во рамки на политичките партии во Македонија, успеала да отвори многу врати за жени коишто многу долго време биле затворени, еден таков пример е претседателката на државата, успеавме како политичка партија да поддржиме кандидат жена за претседателка и тоа е огромен успех и тоа ќе остане запаметено во историјата, сме успеале да создадеме широка мрежа на жени коишто активно политички учествуваат. Клучното на Унијата на жените е покрај тоа што е организација на жени којашто е најмоќна и најсилна и е моторот во рамки на партијата, фокусот да биде ставен на политичкото делување на економската независност“, децидна е Митева.
