Романија би можела да ги исполни критериумите за воведување на еврото до почетокот на следната деценија, изјави премиерот Лука Никулеску.
Тој ја коментираше можноста за пристапување кон еврозоната при претставувањето во Букурешт на извештајот „Процена на конкурентноста на Романија. Стратешка перспектива 2027 – 2035“, изработен од Институтот „Жак Делор“, настан што беше пренесуван во живо на интернет.
Според Никулеску, владата може да придонесе за процесот на пристапување кон еврозоната со доследно спроведување на преземените обврски за фискална консолидација и намалување на буџетскиот дефицит.
Романија сè уште нема утврдено целен датум за воведување на единствената европска валута. На повеќе настани во изминатите месеци, министерот за финансии Александру Назаре ја посочи 2035 година како можен рок за воведување на еврото, додека во август гувернерот на Националната банка на Романија, Мугур Исареску, изјави дека земјата во моментов не исполнува ниту еден од критериумите и дека во оваа фаза не може да се утврди реален временски рок за пристапување кон еврозоната.
Таканаречените Мастришки критериуми опфаќаат барања за ценовна стабилност, одржливост на јавните финансии, стабилност на девизниот курс и висината на долгорочните каматни стапки. Меѓу главните услови се буџетскиот дефицит да не надминува три отсто од бруто-домашниот производ (БДП), а јавниот долг да биде под 60 отсто од БДП или да се намалува со доволно одржливо темпо кон тоа ниво, наведуваат локалните медиуми.
Пред воведувањето на еврото, Романија мора да учествува најмалку две години и во Европскиот механизам на девизни курсеви (ЕРМ II), познат како „чекалница на еврозоната“, без сериозни осцилации на курсот на националната валута.
Како членка на Европската Унија од 2007 година, Романија презела обврска да го воведе еврото откако ќе ги исполни потребните услови.
