Кина денеска го продолжи суспендирањето на извозните ограничувања за одредени критични минерали наменети за американскиот пазар, вклучувајќи галиум, германиум и антимон, додека кинеска авиокомпанија одлучи да купи 50 авиони „Боинг 737-8“.
Со ова Пекинг, неколку дена пред истекот на рокот за примена на трговскиот договор со Вашингтон, ја потврди подготвеноста засега да го почитува постигнатото примирје во трговскиот спор.
Како што пренесува „Блумберг“, одлуката на Кина да ја продолжи суспензијата на ограничувањата за извоз на критични минерали, кои се користат во бројни индустрии, како што се полупроводниците и воената опрема, е донесена неколку дена пред истекот на рокот и претставува важен тест за односите меѓу двете најголеми светски економии, особено откако САД овој месец воведоа нови правила со кои се ограничува пристапот на Кина до напредни полупроводници.
Набргу потоа, подружница на компанијата China Southern Airlines договори купување на 50 авиони „Боинг 737-8“, што е најголема нарачка на една кинеска авиокомпанија од американскиот производител од 2017 година и претставува дел од исполнувањето на обврските преземени на мајскиот самит на американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг.
