Фискални мерки за поддршка од околу 2,28 милијарди евра; намалување на инфлацијата на 2,8 проценти; стапка на раст од 2 отсто во 2026 година и 2,3 проценти во 2027 година,; намалување на невработеноста на 7,9 отсто, но и намалување на јавниот долг со што првпат по 20 години грчкиот нема да биде највисок во ЕУ, предвидува, меѓу другото, државниот буџет на Грција што претпладнево беше доставен до грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.
Министерот за национална економија и финансии на Грција Кирјакос Пиеракакис, со помош на QR код му го достави државниот буџет на претседателот на Парламентот Никитас Какламанис, кој информираше дека расправата пред надлежната комисија ќе биде на 26 и 27 ноември, а потоа ќе следи и петдневната расправа на пленарна седница, што ќе започне на 11 декември и ќе заврши со гласање на 15 декември 2026 година, најдоцна до полноќ.
Паралелно со доставувањето на буџетот, Пиеракакис и неговиот заменик Танос Петраљас, преку допис до пратениците ги објаснија главните насоки на буџетот за следната година.
Објаснуваат дека во меѓународна средина на зголемена неизвесност, со геополитички тензии, што „негативно влијаат врз глобалната економска активност“, сепак се предвидува дека грчката економија „седма година по ред ќе бележи значително повисока стапка на економски раст во споредба со просекот на Еврозоната“.
Стапката на економски раст се очекува да достигне 2 отсто во 2026 година и 2,3 проценти во 2027 година, номиналниот БДП се очекува да се зголеми од 263,4 милијарди евра во 2026 година на 275,9 милијарди евра во 2027 година, а паралелно домашната инфлација да се намали од 4 отсто оваа година, на 2,8 проценти во 2027 година.
Дополнително, инвестициите се очекува да се зголемат за 7,7 отсто во 2026 година и за 7,9 проценти во 2027 година, при што учеството на инвестициите во БДП се проценува на 19,8 отсто за следната година.
За невработеноста, буџетот предвидува дополнително намалување од 8,4 отсто во 2026 година на 7,9 проценти во 2027 година, „што претставува најниско ниво на невработеност во Грција по 2008 година“
– Грција во изминатите години успеа значително да ја зајакне својата меѓународна економска позиција, бележејќи високи стапки на економски раст и значителен напредок во управувањето со јавните финансии. Во 2026 година се постигнува историска пресвртница: за првпат по 20 години, се очекува нашата земја да престане да има највисок јавен долг, изразен како процент од БДП, во Европската Унија. Овој напредок се темели на доследното спроведување на реформите, фискалната одговорност, на политичката стабилност и, пред сè, на колективните напори на грчките граѓани, пишува во дописот до пратениците.
