7.8 C
Skopje
недела, ноември 22, 2026

Еве зошто плачеме од среќа

Плачот најчесто го поврзуваме со тага, болка и разочарување, но солзи можат да ни потечат и во моменти на најголема среќа. Добри вести, долгоочекувани средби, свадби или важни животни успеси понекогаш толку силно нè допираат што не можеме да ги задржиме солзите. Иако на прв поглед изгледа необично, плачењето од среќа е сосема природна реакција на интензивни емоции.

Колку е оваа појава честа, покажува и истражување од 2018 година, во кое 68 проценти од учесниците изјавиле дека некој среќен или позитивен настан ги расплакал. Значи, ако очите ви се насолзуваат кога сте особено среќни, не сте единствените.
Зошто плачеме кога сме среќни?
Научниците долго време се обидуваат да објаснат зошто луѓето плачат и кога доживуваат позитивни емоции. Иако не постои едно конечено објаснување, развиени се неколку теории кои ја појаснуваат поврзаноста меѓу плачењето и емоционалните реакции.

Една од теориите сугерира дека во текот на среќните моменти може да се појават и потиснати чувства на тага. Според ова толкување, силните позитивни емоции понекогаш можат да поттикнат и чувства кои претходно сме ги потиснувале.

Друго објаснување го поврзува плачењето со регулирањето на организмот. Емоционалните солзи, покрај вода и сол, содржат различни протеини и хормони. Се претпоставува дека ослободувањето на одредени супстанции, како пролактинот и леу-енкефалинот, може да учествува во одржувањето на телесната и емоционалната рамнотежа и да придонесе за смирување на организмот.

Солзите нè поврзуваат со другите

Плачењето има и важна општествена улога. Кога плачеме, на другите им ја покажуваме нашата ранливост и испраќаме сигнал дека доживуваме силни емоции. Таквата реакција може да поттикне емпатија и разбирање, но и да помогне во создавањето поблиски односи. Тоа важи без разлика дали плачеме од тага или од среќа.

Според една од теориите, плачењето може да биде поврзано и со чувството на беспомошност или губење на контролата врз сопствените емоции. Дури и кога станува збор за нешто позитивно, како голем животен успех или долгоочекувана средба, интензитетот на доживувањето може едноставно да нè преплави.

Токму затоа плачењето се смета за еден од начините на кои се справуваме со силните емоционални реакции. Солзите можат да ни помогнат да ослободиме дел од емоционалниот товар и полесно да се приспособиме на она што го доживуваме.

Кои се придобивките од плачењето?

Освен што претставува природен одговор на силните емоции, плачењето може да има и одредени придобивки за организмот. Истражувањата укажуваат на неколку можни позитивни ефекти:
– Намалување на стресот – плачењето се поврзува со можно намалување на стресот и полесно справување со емоционалниот товар.
– Заштита на очите – солзите ги навлажнуваат и чистат површината на окото, а содржат и лизозим, ензим со антимикробни својства.
– Емоционално олеснување – плачењето може да придонесе за подобро расположение, без разлика дали е предизвикано од радост или тага.
– Поквалитетен сон – некои истражувања укажуваат на можна поврзаност меѓу плачењето и подобриот сон. Во истражување од 2016 година било забележано дека бебињата кои плачеле пред спиење, потоа спиеле подобро.
Солзите радосници, значи, не се знак на претерана чувствителност ниту причина за непријатност. Тие се еден од начините на кои нашето тело реагира на силни емоции. Понекогаш токму солзите се најдобриот показател за тоа колку ни значи некој момент.

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести