Многу луѓе погрешно веруваат дека за да бидат вистински сакани мора да бидат поуспешни, попривлечни или помоќни. Но, психолошките истражувања покажуваат дека на луѓето многу повеќе им значи некој искрено да ги разбира отколку да бидат импресионирани од материјални работи или општествен статус.
Соња Љубомирски, професорка по психологија на Универзитетот во Калифорнија, и Хари Рис, професор по психологија на Универзитетот во Рочестер во Њујорк, издвојуваат пет митови кои стојат на патот кон чувството на саканост и блискост.
Според нив, многумина веруваат:
- Кога би бил/била попривлечен/на, помоќен/на или поуспешен/на;
- Кога би можел/можела да ги убедам другите во моите квалитети и успеси;
- Кога би можел/можела да ги сокријам своите недостатоци;
- Кога мојот партнер би зборувал на мојот „јазик на љубовта“;
- Кога би можел/можела да го натерам партнерот повеќе да ме сака.
- Наместо тоа, експертите препорачуваат поинаков пристап – внимателно слушање, искрена љубопитност и постепено откривање на важните делови од сопствената личност.
Тие советуваат луѓето да не ги прекинуваат соговорниците, да поставуваат подлабоки прашања и наместо површни одговори да споделуваат како навистина се чувствуваат.
Истражувањата покажуваат дека чувството на љубов и поврзаност не доаѓа од тоа да се промениме себеси или другите. Напротив, тоа најчесто произлегува од промена на начинот на кој разговараме и се поврзуваме со луѓето околу нас.
Авторите нагласуваат дека социјалната поврзаност има значително влијание врз менталното и физичкото здравје. Осаменоста е поврзана со поголем ризик од мозочен удар, деменција и предвремена смрт, додека квалитетните меѓучовечки односи можат да придонесат за подобро закрепнување, посилен имунитет и помал ризик од депресија.
На крајот, тие заклучуваат дека вистинската блискост не се создава преку самопромоција и обид да се остави впечаток, туку преку взаемна доверба, топлина, искреност и сочувство.
